Крстевски: Иднината на пливањето е обезбедена со младите пливачи на „Бета шаркс“

Македонија е на добар пат повторно да биде дел од мапата на пливачка Европа која ќе носи забележителни резултати и ќе оди по стапките на успешните пливачи во минатото, Наташа Мешковска, Александар Маленко, Александар Миладиновски, Мирјана Бошевска…

Младите пливачи својот талент редовно го презентираат на бројните меѓународни настапи каде што редовно остваруваат забележителни резултати.

Една од успешните приказни во која младите редовно се враќаат со медали од меѓународните настапи е клубот „Бета шаркс“. Во клубот се горди на оваа генерација пливачи, од 10 до 12 години, кои редовно освојуваат медали, и раководството на клубот на чело со претседателот Миро Крстевски, планира максимално да се посвети на развојот токму на овие деца.

– Најдобра група во моментов во клубот ни е онаа во која децата имаат од 10 до 12 години и се сериозно квалитетни пливачи. Целта на клубот е на таа група да ѝ дадеме сериозна поддршка, не само во подобрување на условите, туку и во подобрување на кадарот, во зголемување на стручноста. Сакаме да го преземеме финансирањето на овие деца во иднина, клубот да се грижи за нив. Планирана е интензивна соработка со нутриционисти, спортски психолози и доктори, за максимално да се помогне развојот на децата. Мислиме дека оваа генерација може да дојде до резултати, бидејќи од друга страна децата веќе учествуваат и на меѓународни натпревари, претежно во Србија и Бугарија, и правиме фантастични резултати, редовно освојуваме први или втори места. Тоа е доказ дека сме на добар пат, меѓутоа мора да се подобруваме постојано. Темелите се поставени, деца имаме и со целата поддршка околу нив, со тимска работа комбинирана со дисциплината и посветеноста, да ни бидат основни темели во клубот – вели претседателот на „Бета шаркс“, Миро Крстевски, притоа објаснувајќи како треба да изгледа работата со младите и талентирани пливачи.

– Мора да почнеме со селекцијата, иако тоа е осетлив процес. Кога ќе биде финализирана селекцијата од најталентираната група пливачи, ќе дадеме поддршка како клуб со нутриционисти. Од друга страна и спортската психологија е многу важна за децата на таа возраст. Имаме група од 20 до 25 деца, и не е пожелно да се споменуваат за да не се заборави некој, но морам да кажам дека постои група од екстраталентирани пливачи како Ведран и Дарјан Андрееви, Тео Тримчевски, Емил Суботиќ, Ана Жабокова, Сара Анастасовска, кои можат да остваруваат сериозни резултати во иднина.

За правилниот развој на младите спортисти, покрај улогата на тренерите, важна е улогата и на родителите, кои неретко се поамбициозни од самите пливачи и „Бета шаркс“ работи на решавање на ова горливо прашање.

– Не само во Македонија, туку и во целиот свет родителите се поамбициозни од децата и тоа ни прави големи проблеми. Ова е осетлива тема, родителите бараат резултати преку ноќ и имаат големи очекувања за своите деца. Ние веќе потпишавме меморандум со Факултетот за физичка култура, со кој ќе организираме советодавни настани со родителите за да се објасни улогата и очекувањата на родителите. Од една страна не треба родителот да биде пасивен, но од друга страна не треба да има преголеми очекувања за пливачите уште од самиот почеток. Потребни се години работа и тренинзи за позабележителни резултати – размислува Крстевски.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот