Аква - Фото: Инстаграм/aqua.dk

ВИДЕО | Крај на една ера — култната поп-група „Аква“, позната по мегахитот „Barbie Girl“, се распадна по 30 години кариера

Популарната поп-група „Аква“ (Aqua), која стекна планетарна слава во деведесеттите години со безвременските хитови како „Barbie Girl“ и „Doctor Jones“, официјално објави дека се разделува по точно три децении поминати заедно на сцената. Данско-норвешкиот бенд ја соопшти оваа вест преку својот инстаграм-профил, оставајќи ги во неверување своите верни обожаватели ширум светот, пишува „Мирор“.

Во емотивната порака, објавена заедно со препознатливото лого на групата, членовите напишаа:

„Драги наши. По многу неверојатни години, решивме да го затвориме поглавјето на ’Аква‘ како бенд кој настапува во живо. ’Аква‘ беше огромен дел од нашите животи и заедно имавме прилика да искусиме повеќе отколку што некогаш сме смееле и да сонуваме“.

Аква – Фото: Инстаграм/aqua.dk

Членовите на бендот во продолжение на соопштението се заблагодарија за поддршката во изминатите три децении, објаснувајќи ги причините за ваквата тешка одлука.

„Пропатувавме низ светот безброј пати, запознавме толку многу прекрасни луѓе, пеевме заедно со милиони од вас и споделивме спомени кои ќе ги носиме со себе засекогаш. Кога сте заедно толку долго време, учите и кога е вистинскиот момент да го заштитите она што заедно сте го создале. За нас, ова ни изгледа како вистински миг да кажеме збогум, додека спомените се сè уште силни и додека љубовта кон музиката, приказната и едни кон други е недопрена. Од срце ви благодариме на сите што бевте дел од ова патување во изминатите 30 години. Ви благодариме за љубовта, енергијата, поддршката и за сите заеднички моменти. Од нас натаму има само љубов и благодарност“, напишаа Лене, Рене и Сорен во заедничкиот потпис.

Аква – Фото: Инстаграм/aqua.dk

Групата „Аква“ се формираше во далечната 1995 година и за време на својата плодна кариера успеа да продаде повеќе од 33 милиони синглови и албуми ширум светот.

Иако во својата биографија имаат и други големи успеси како „Doctor Jones“ и баладата „Turn Back Time“, нивен апсолутен заштитен знак останува нумерата „Barbie Girl“ од 1997 година. Оваа песна стана глобален поп-феномен, стигна до број 1 на топ-листите во Велика Британија и во десетици други земји, а до ден-денес важи за една од најпрепознатливите и најслушаните песни од ерата на деведесеттите години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот