Нова депонија зад комплексот „Џевахир“ / Фото: Драган Митрески - „Слободен печат“

„Комунална“ тврди дека редовно чисти кај „Џевахир“, друг бил виновен за ѓубрето

На споменатата локација веќе извесен период сме соочени со појава на масовно пребарување во поставените контејнери од страна на неформални пребарувачи што отпадот го разнесуваат во непосредната околина на садовите, притоа создавајќи диви депонии, тврдат од „Комунална хигиена“

Откако „Слободен печат“ објави за огромната дива депонија зад комплексот „Џевахир“, која еднаш, поточно пред три месеци беше исчистена, а сега повторно може да се забележи огромна количина отпад, од ЈП „Комунална хигиена“ тврдат дека тие редовно го собираат ѓубрето, а вината ја префрлаат на друг.

Нова депонија зад комплексот „Џевахир“ / Фото: Драган Митрески – „Слободен печат“

– Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје ги празнат контејнерите поставени на посочената локација седумпати во неделата, во согласност со Оперативниот план за собирање и транспортирање на комуналниот отпад – велат од претпријатието.

За потсетување, во изминатиов период на просторот зад „Џевахир“ постојано може да се забележи огромна количина ѓубре. Иако претежно преовладуваат пластични ќеси полни со тековен отпад од домаќинствата, пространата локација е исполнета и со голем број пластични шишиња, обувки, кеси од храна, канцелариски столчиња, пластични и дрвени гајби, автомобилски гуми, огромна количина стиропор во кој биле спакувани апарати за домаќинство.

ФОТО | Делумно исчистено ѓубрето кај „Џевахир“, се чека „втора тура“ за да се собере и од гаражите

Контејнерите се преполни, искршени и без капаци, расфрлано е ѓубре на тротоарот, на сервисната улица, низ зелената површина, која иако е скриена со лимови, може да се забележи дека е претворена во една голема депонија. Дрвјата околу контејнерите не останаа „поштедени“ бидејќи на нив можеа да се забележат десетици пластични кеси, кои според состојбата во која се наоѓаат, веројатно датираа од пред неколку недели, ако не и месеци, а од една гранка висеше парче долна облека.

Нова депонија зад комплексот „Џевахир“ / Фото: Драган Митрески – „Слободен печат“

Во однос на нашите прашања зошто зад „Џевахир“ не се поставени повеќе контејнери или зошто сегашните искршени и оштетени не се заменат со нови, од „Комунална“ велат дека бројот на контејнери го одредува Градот во однос на бројот на жителите што живеат во реонот.

– Бројот и локациите на садовите наменети за одлагање на комуналниот отпад ги одредува Градот Скопје, во согласност со бројката на жители во односниот реон и сообраќајно-урбанистичката позиционираност – информираат од „Комунална“ за „Слободен печат“.

За огромната количина расфрлано ѓубре зад контејнерите, како едни од виновниците за узурпираната зелена површина од дива депонија, од претпријатието ги посочија „неформалните пребарувачи“ кои, како што велат оттаму, го вадат отпадот од контејнерите и потоа го разнесуваат наоколу.

– На споменатата локација веќе извесен период сме соочени со појава на масовно пребарување во поставените контејнери од страна на неформални пребарувачи што отпадот го разнесуваат во непосредната околина на садовите, притоа создавајќи диви депонии – изјавија од претпријатието.

ГАЛЕРИЈА | „Врие“ од ѓубре зад „Џевахир“

Оттаму велат дека иако екипи на „Комунална“ неколкупати неделно одат на локацијата и го собираат отпадот распослан по зелената површина, местото се претвора во „црна точка“ каде што во континуитет непрописно се одлага ѓубре по јавните површини.

– Екипите на претпријатието и овој непрописно одложен отпад го отстрануваат во просек два-три пати во неделата, но за жал можеме да констатираме дека посочената локација прераснува во таканаречена „црна точка“ каде што континуирано непрописно се одлага отпад на јавни површини – тврдат од „Комунална“.

Запрепастувачките фотографии покажуваат дека можеби за ова „решавање“ на ледината полна со ѓубре е потребна малку поголема акција, преку која освен што одеднаш и ефикасно би се собрало ѓубрето и би се исчистила дивата депонија, би се казнувале и сите несовесни граѓани, вклучувајќи ги и „неформалните пребарувачи“ на контејнери, кои свесно и постојано прават еколошки хаос на оваа локација.

Започната постапка за набавка на повеќе од 40 нови возила за „Комунална хигиена“

Притоа, од „Комунална“ повторно потсетија дека во согласност со Законот за јавна чистота, претпријатието нема ингеренции да оди на терен и да казнува.

– За оваа појава од наша страна се известени и инспекциските служби. Ве молам да имате предвид дека ЈП „Комунална хигиена“ Скопје нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота – велат од „Комунална“.

Во однос на санкционирањето, од претпријатието токму поради овие причини апелираа што поскоро на сила да стапи закон за формирање комунална полиција, кој според нив е најефикасен начин за превенција на загадувањето на животната средина и заштитата на јавното здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот