ФОТО | Делумно исчистено ѓубрето кај „Џевахир“, се чека „втора тура“ за да се собере и од гаражите
Од фирмата управител тврдат дека немале друг избор освен да го складираат отпадот во подземната гаража, затоа што контејнерите биле преполнети, а општинските инспектори им се заканиле со казна во илјадници евра доколку продолжи фрлањето отпад во депонијата пред зградите
Една седмица откако отпадот околу комплексот згради „Џевахир скај сити“ се наталожи толку многу што прерасна во една огромна депонија сред Скопје, конечно од Општина Аеродром реагираа и делумно го собраа сметот и го расчистија просторот, сѐ уште оставајќи ги илјадниците станари со значителна количина ѓубре пред нивните згради. Отпадот бил толку обемен, што управителот „Хауз мајстор – Скопје“ бил приморан вишокот, за кој немало место во контејнерите и забрана доколку се исфрли околу нив, да го депонира на нивото -1 под кулата Д.
Препорачано
Расте депонијата пред комплексот „Џевахир“, никој не го чисти ѓубрето
Ѓубрето било „гаражирано“ во кула Д
Станарите алармираа дека таму веќе има ѓубре „до плафон“. Тие испратија фотографии и видеа од состојбата во која се наоѓа подземната гаража, каде што има десетици огромни црни вреќи полни со ѓубре за кое нема место во контејнерите, бидејќи, поради апсолутното отсуство на камионите на „Комунална хигиена“, со недели останаа преполни.
– Фирмата задолжена за одржување „Хауз мајстор плус“ наместо редовно да го изнесува ѓубрето од катовите и да го носи до надворешните контејнери, во последните три дена го остава отпадот на ниво -1 во Кула Д, каде што се наталожени големи количества смет, а во прилог имате фотографии и видео – велат станарите од кула „Д“ за „Слободен печат“.

Отпадот се таложел со недели, од „Комунална“ не реагирале
Претходно, кога пишувавме за овој сериозен еколошки проблем, кој многу лесно може да премине и во здравствен проблем за станарите и минувачите, со оглед на количината и различната „палета“ на видови отпад депонирани на оваа локација што со недели „скапуваше“ во контејнерите на тротоарот, разговаравме и со управителот на зградите А, Ц и Д, фирмата „Хауз мајстор“, а тогаш оттаму ни кажаа дека тие имаат исполнето сѐ што е во нивна надлежност како фирма управител на три од четирите кули во комплексот.

Од нив дознавме дека проблемот постоел и „тлеел“, се провлекувал низ седмиците бидејќи, како што велат, од „Комунална“ доцнеле со собирање, повремено го расчистувале просторот, но од минатата недела комуналците целосно ги оставиле неколкуте илјади станари со дива депонија „пред нос“.
– Имаме сериозен проблем, постојано ѝ ѕвониме на „Комунална хигиена“, но оттаму не креваат и не доаѓаат да го соберат ѓубрето. Видете ги фотографиите, ситуацијата е ужасна, станарите се бесни, а нив ги има неколку илјади, бараат од нас решение за овој проблем за кој воопшто не сме ни очекувале да го имаме и не сме надлежни – велат од „Хауз мајстор“.
Оттаму истакнаа дека се наоѓаат во средина помеѓу станарите и општинските инспектори, затоа што од Општина Аеродром добиле предупредување дека доколку продолжи депонирањето отпад околу контејнерите, бидејќи тие се преполни и несобрани, а се местото каде што треба да се остава ѓубрето, Општината ќе го казни „Хауз мајстор“ со казна од 50.000 евра. Поради тоа, како што велат од фирмата управител, тие немале друг избор освен да го складираат отпадот во подземната гаража.

Тие информираа дека постојано се обидувале да ѕвонат на бројот на „Комунална“, од каде што ниту еднаш не кренале слушалка, ниту, пак, одговориле на нивните мејлови и барања.
Општината реагираше, но ѓубре се’ уште има
Кратко по објавата на текстот на „Слободен печат“, станарите на овој комплекс добија малку надеж бидејќи, како што најавија повеќето скопски градоначалници, а особено оние што „трчаат“ во вториот круг на локалните избори, поради нередовноста и целосниот колапс на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, кои целосно престанаа со собирање на отпадот, тие работата ја земаа во свои раце и со својата ограничена механизација за која претходно велеа дека не се способни да го собираат отпадот, веројатно, по принципот, „пробај, па ќе видиш дали можеш“, се обидоа и успешно го собраа отпадот од бројни локации низ Аеродром, меѓу која е и оваа, кај „Џевахир“.
Според фотографиите по општинската акција, контејнерите беа испразнети и делумно исчистен просторот околу нив, но сега се јавува нов проблем – ѓубрето што управителот го „складирал“ во подземната гаража од кулата Д, сега не го собира во контејнерите бидејќи има премногу вреќи. Па така, контејнерите сега повторно полни, сега се чека да биде однесен и овој отпад, за управителот да може да го депонира и вториот дел од „гаражираниот“ отпад, со што зградата и станарите ќе се ослободат од подземната депонија.

Станарите за складирањето на отпадот во гаражата сметаат дека е противзаконско и ризик за жителите, кои во оваа зграда ги има неколку стотина.
– Ова непрописно и противзаконско постапување претставува сериозен ризик за здравјето и безбедноста на сите станари од кулата, особено имајќи предвид дека во оваа зграда живеат стотици жители. Ѓубрето од повеќе од 400 станови практично го претворија во внатрешна депонија, со неподнослива миризба и потенцијална опасност од зарази и котење на глувци – велат станарите од кула Д за „Слободен печат“.
Од „Хауз мајстор“ велат дека повторно се со „врзани раце и преполни контејнери, па мора да почекаат ‘будење’ на Комунална или пак втора тура чистење од страна на Општината“.
Постои и уште една опција, но таа чини
Сепак, според нив, за овој проблем постои алтернативно решение, а тоа е приватно да се најми компанија што располага со контејнери каде што би се собрало ѓубрето и би се однело во депонија, но тоа ќе падне на товар на станарите, кои иако редовно ги плаќаат комуналиите за кои треба да ја добијат услугата, доколку не се собере ѓубрето во наредните денови, ќе немаат друг избор освен да платат и за контејнер и за пренос на ѓубрето.

Фирмата управител минатата недела во два наврата ангажирала компанија што дошла со контејнер и собрала дел од огромната количина отпад, но тоа очигледно не било доволно бидејќи денес ѓубре има многу повеќе, а за него се потребни најмалку три или четири контејнери, ако не и повеќе.
– Ние минатата недела двапати донесовме еден контејнер за ѓубре за трите кули со кои управуваме, а еден контејнер чини 8.500 денари. Тоа е опција, ама станарите не сакаат да ја плаќаат оваа услуга понатаму, се бунат и не сакаат повторно да донесеме контејнери, бидејќи тоа ќе чини, но исто така не сакаат да им смрди ѓубрето и бевме приморани да го преместуваме во гаражите – информираат од „Хауз мајстор“.
Станарите се гневни и очекувано разочарани бидејќи нормално не сакаат двојно да плаќаат за собирање на ѓубрето, еднаш на Град Скопје со плаќање на комуналиите и вторпат на приватната компанија што би донела контејнер и би го расчистила ова ѓубриште.


