Расте депонијата пред комплексот „Џевахир“, никој не го чисти ѓубрето
Во разговор со „Хауз мајстор“, кои управуваат со три од четирите кули во комплексот, дознаваме дека проблемот постоел и „тлеел“ бидејќи, како што велат, од „Комунална хигиена“ доцнеле со собирање, но „чат-пат“ ќе се појавеле и ќе го расчистеле просторот, но од минатата недела комуналците целосно ги оставиле неколкуте илјади станари со дива депонија „пред нос“
Станарите на зградите од комплексот „Џевахир скај сити“ веќе неколку недели, како и целиот главен град, се соочуваат со огромен проблем – „Комунална хигиена“ не го собира отпадот пред комплексот и според фотографиите што ги добивме, веќе е создадена огромна дива депонија каде кој ќе стигне остава ѓубре.
Препорачано
Во зградите А, Ц и Д, каде што управител е фирмата „Хауз мајстор“, живеат неколку илјади станари што секојдневно, како и сите други, имаат потреба да го депонираат тековниот отпад во контејнерите поставени околу комплексот, но, според нив, во изминатиот период оваа секојдневна потреба им е тотално оневозможена бидејќи ѓубре „нема каде нема“. На фотографиите што ги доби „Слободен печат“ може да се забележи дека отпадот е насекаде, внатре во контејнерите, пред нив, од страна, па дури и зад нив, каде што ситуацијата е најлоша бидејќи сметот е наталожен по зелената површина, навистина грда слика за секој што минува и живее на оваа локација.

Во разговор со „Хауз мајстор“, кои управуваат со три од четирите кули во комплексот, дознаваме дека проблемот постоел и „тлеел“, се провлекувал низ седмиците бидејќи, како што велат, од „Комунална“ доцнеле со собирање, но „чат-пат“ ќе се појавеле и ќе го расчистеле просторот, но потоа циклусот на нередовно собирање на ѓубрето продолжувал сѐ до минатата недела, кога комуналците целосно ги оставиле неколкуте илјади станари со дива депонија „пред нос“.
– Имаме сериозен проблем, постојано ѝ ѕвониме на „Комунална хигиена“, но оттаму не креваат и не доаѓаат да го соберат ѓубрето. Видете ги фотографиите, ситуацијата е ужасна, станарите се бесни, а нив ги има неколку илјади, бараат од нас решение за овој проблем за кој воопшто не сме ни очекувале да го имаме и не сме надлежни – велат од „Хауз мајстор“.

Оттаму додаваат дека се наоѓаат во средина помеѓу станарите и општинските инспектори, од каде што добиле предупредување дека доколку станарите продолжат да го депонираат отпадот околу контејнерите бидејќи тие се преполни и несобрани, а се местото каде треба да се остава отпадот, Општината ќе го отвори „тефтерчето“ и ќе го казни „Хауз мајстор“.
– Станарите бараат решавање на овој проблем, ѓубрето им смрди и на ништо не личи да биде вака оставено да скапува. Од инспекторите на Општина Аеродром добивме известување дека ако станарите продолжат да ја користат оваа локација за да го оставаат ѓубрето, ние како управител ќе добиеме казна од 50.000 евра за оставање на ѓубрето. Сега сме ниту таму ниту ваму, немаме идеја како да постапиме со овој проблем или, пак, кому да се обратиме – велат од фирмата управител за „Слободен печат“.
Сепак, за овој проблем постои алтернативно решение, а тоа е приватно да се најми компанија што располага со контејнери каде што би се собрало ѓубрето и би се однело во депонија, но тоа ќе падне на товар на станарите, кои иако редовно ги плаќаат комуналиите за кои треба да ја добијат услугата, доколку не се собере ѓубрето во наредните денови, ќе немаат друг избор освен да платат и за контејнер и пренос на ѓубрето.

Фирмата управител минатата недела во два наврата ангажирала компанија што дошла со контејнер и собрала дел од огромната количина отпад, но тоа очигледно не било доволно бидејќи денес ѓубре има многу повеќе, а за него се потребни најмалку три или четири контејнери, ако не и повеќе.
– Ние минатата недела двапати донесовме еден контејнер за ѓубре за трите кули со кои управуваме, а еден контејнер чини 8.500 денари. Тоа е опција, ама станарите не сакаат да ја плаќаат оваа услуга понатаму, се бунат и не сакаат повторно да донесеме контејнери, бидејќи тоа ќе чини, но исто така не сакаат да им смрди ѓубрето и сме приморани да го преместуваме во гаражите – информираат од „Хауз мајстор“.

За жал, до објавувањето на овој текст, од Општина Аеродром не добивме одговор на кој начин би го решиле овој сериозен проблем освен „дебелата“ казна што ќе следува доколку станарите продолжат да го оставаат ѓубрето околу контејнерите и дали, иако не е во нивна надлежност, можат да интервенираат и да ја расчистат оваа депонија, по примерот на неколку општини како Центар, која прва „потегна нога“ и започна сама да го собира отпадот на најкритичните локации, а потоа продолжија Центар и Гази Баба во неколку наврати.
Дека нема слух од надлежните говори фактот што од „Комунална хигиена“ ниту еднаш не кренале слушалка и не отишле да го соберат ѓубрето, а ниту, пак, одговорија на прашањата на „Слободен печат“ зошто не го собираат отпадот и дали имаат во план да се вратат во „игра“ и да започнат да ги исполнуваат своите надлежности.

Станарите се гневни и разочарани и нормално не сакаат двојно да плаќаат за собирање на ѓубрето, еднаш на Град Скопје со плаќање на комуналиите и вторпат на приватната компанија што би донела контејнер и би го расчистила ова ѓубриште. За жал, во последните шест месеци со слични ситуации како оваа на станарите на „Џевахир скај сити“ се соочува речиси секој жител на Скопје, градот каде што мини-депониите се претворија во непопуларен тренд и се забележливи на секое ќоше.



