Ќе се врати ли Твитер? Американци планираат да лансираат нова социјална мрежа со добро познатото име
Откако Илон Маск ја купи платформата Твитер за неверојатни 44 милијарди долари и веднаш започна со промени кои многумина ги критикуваа, дел од корисниците најавија дека ќе ја напуштат мрежата. По тоа, се појавија нови социјални мрежи кои се обидоа да ги привлечат разочараните, но ниедна не успеа да собере доволно корисници за да го надмине Твитер, сега познат како Икс (X).
Препорачано
Со доаѓањето на Икс, името Твитер постепено исчезна од јавноста, иако многумина и понатаму ја нарекуваат мрежата Твитер.
Операција Сина Птица (Operation Bluebird)
Сепак, се појавува можност Твитер да го „врати“ своето име. Американски стартап наречен „Операција Сина птица“ (Operation Bluebird) поднел петиција до Американското биро за патенти и трговски марки (USPTO), барајќи право на „напуштениот“ заштитен знак Твитер, пишува „Индепендент“. Според петицијата, компанијата Икс го тргнала логото Твитер од своите производи и услуги и не планира понатамошна употреба на логото со птица. Маск претходно објави дека се збогуваат со брендот Твитер и со сите птици.
Веќе е можно резервирање на кориснички имиња
Операција Сина Птица (Operation Bluebird) веќе ја купила веб-адресата „twitter.new“, преку која корисниците можат да резервираат свои имиња во пресрет на потенцијалното лансирање на новиот Твитер.
И покрај промена на името и логото, Икс сè уште ја поседува страницата Twitter.com, која ги пренасочува посетителите кон X.com. Некои функции исто така добија нови имиња, како на пример програмата за проверка на факти „Птица-набљудувач“ (Birdwatch) која сега се вика „Забелешки на заедницата“ (Community Notes).
Илон Маск има рок до февруари следната година да одговори на петицијата, па ќе биде интересно да се види дали ќе се откаже од правата на брендот Твитер и ќе им дозволи на другите да лансираат конкуретска мрежа или ќе го задржи името.


