Ќириќ: Со Пандев како лидер Македонија може да се пласира на ЕП!

Фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

Најдобрата македонска А репрезентација се наоѓа на една победа до пласман на наредното Европско првенство што би бил прв настап во нашата историја во сениорска конкуренција.

У21 младата селекција веќе го почувствува тоа, а доста значаен дел од таа генерација пред три години се веќе дел од сениорскиот дрес, односно Барди, Елмас, Николов, Зајков, Д. Велковски, Муслиу, Шишковски, Костадинов имаат шанса повторно да учествуваат на континентален собир.
На 12 ноември 2020 година е финалето во Лигата на нации (Лига „Д“) во Тбилиси каде што избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе ги одмерат силите против Грузија.

Веќе се сретнавме против нив двапати годинава и тоа во новото издание од Лигата „Ц“, во Тбилиси беше 1:1, а истиот резултат беше 1:1. Покажаа нашите најдобри фудбалери дека можат да играат против оваа репрезентација, со доминација на теренот, повеќе контрола на топката, доаѓање до шанси за реализација, иако од друга страна и противникот покажа дека е незгоден, има свои адути. Воглавно нијанси ќе решаваат и една грешка може скапо да чини.

Алиоски во судиското продолжение и донесе реми на Македонија

Влогот е голем, сите посакуваме наредниот месец Ангеловски да ги има сите најдобри играчи, важно пред сè да бидат здрави, воедно и подготвени за историскиот меч, а на триумф и пласман на ЕП се надева и поранешниот репрезентативец на Македонија, Саша Ќириќ.

– Пред нас е шансата и мислам дека доколку бидеме комплетни, пред сè здрави, можеме да се најдеме на Европското првенство. Но, не треба да се потцени и селекцијата на Грузија. Двата претходни меча во Тбилиси и Скопје завршија 1:1, но овој меч е посебен и за двете репрезентации, и противникот исто така се надева на свое прво учество на континентален собир. Многу зависи и ситуацијата со ковид-19, и нашите фудбалери кои настапуваат во странство, во Италија каде што настапуваат наши клучни играчи во нашата репрезентација. Со Пандев како најискусен, лидер, капитен можеме на крајот да ја оствариме целта – ни изјави Ќириќ, кој да потсетиме со својата ангажираност помага(ше) во работата на Академијата на ФФМ, значаен проекти за македонскиот фудбал и воедно биде како помош и на А селекцијата и на сите младински репрезентации доколку е потребно.

И младата У21 селекција бележи добри резултати, моментно се второпласирани во квалификациската група за ЕП 2021, на последниот дуел против Израел во Скопје беше 1:1, но резултат кој можеби ги намали шансите за пласман на наредното ЕП.

До крајот на квалификациите играчите на Благоја Милевски имаат уште два меча на гости со Израел и на домашен терен против Црна Гора.

Атанасов во последната минута ни донесе бод против Израел

Ќириќ додава дека постојат и натаму некои теоретски шанси за учество на следното ЕП, тоа ќе зависи и од резултатите во другите групи. Но, и доколку не биде остварена целта, и оваа генерација покажа дека е гладна за успеси, има играчи на кои може сериозно да се смета и се најдат во иднина и во сениорскиот дрес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот