Алиоски во судиското продолжение и донесе реми на Македонија

epa08745966 Ezgjan Alioski (L) and Ennur Totre of North Macedonia celebrate after scoring during the UEFA Nations League, League C, group 2 match, between North Macedonia and Georgia in Skopje, Republic of North Macedonia, 14 October 2020. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонската фудбалска репрезентација одигра нерешено со Грузија 1:1 во рамките на четвртото коло од Лигата на нации благодарение на голот од пенал на Езгјан Алиоски во 92. минута.

Со ова реми Македонија остана на делба на првото место на табелата во групата 2 заедно со Грузија на две кола до крајот на Лигата на нации.

Со ова реми, Македонија ја заврши пеколната репрезентативна недела во која за седум одигра три натпревари и оствари две ремија против Естонија и Грузија и во најважниот натпревар го победи Косово.

Вечерашниот натпревар против Грузија беше 40. на селекторот Игор Ангеловски на клупата на македонската репрезентација.

Гостинската репрезентација подобро го отвори натпреварот и почетните минути им припаднаа на нив, ниту еднаш не се заканија кон голот на Столе Димитриевски.

Како одминуваше времето, избраниците на селекторот Игор Ангеловски ја презедоа контролата и доминираа на теренот, а првата закана за голманот Лориа беше шутот на Пандев во 32. минута. Најдобрата шанса за гол ја имавме во 42. минута кога Пандев со глава биеше покрај десниот дирек на голот на Лориа.

Второто полувреме започна на речиси идентичен начин како и првото, Грузијците први се заканија по само три минути игра но шутот на Даушвили го одбрани Димитриевски.
Пет минути подоцна Николов одлично шутираше од околу 25 метри, но неговиот шут Лориа успеа го одбрани.

Во 66. минута, останавме без голманот Столе Димитриевски бидејќи играше со рака надвор од сопствениот шеснаесетник и тоа при обидот да спречи контранапад на Грузија.

Поради исклучувањето на Димитриевски, селекторот Ангеловски мораше да менува и го извади Несторовски за да го внесе Шишковски, по што случувањата на теренот се променија во корист на Грузија.

Предноста од играч повеќе веднаш се почувствува на теренот и во 72. минута Качарава ја погоди стативата, а веќе со следната акција Грузија поведе.
По изведениот корнер, Кваратскелиа од десната страна влезе во шеснаесетникот и шутираше во спротивниот агол на голот на Шишковски.
Грузија можеше да го зголеми водството но голот на Качарава во 85. минута беше поништен поради офсајд.

Казната за промашувањата на Грузија дојде во судиското продолжение кога Зајков беше фаулиран по што судијата Франковски од Полска без размислување покажа на белата точка, а Езгјан Алиоски успешно го реализираше пеналот за 1:1.

Овој натпревар не е последен помеѓу Македонија и Грузија бидејќи наредниот месец, двете репрезентации меѓу себе ќе го играат финалниот бараж натпревар за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи наредната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот