Атанасов во последната минута ни донесе бод против Израел

У21 надежите во Охрид ќе ги одмери силите против Србија/Фото: ФФМ

Во квалификациската група „6“ за пласман на Европското првенство (Унгарија/Словенија 2021) младата У21 македонска репрезентација на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“ – Скопје ремизираше 1:1 против Израел. 

Ни беше потребен триумф за да ги одржуваме шансите да бидеме меѓу петте најдобровторопласирани селекции кои водат исто така на континенталниот собир, вака со само еден бод тешко може да се оствари целта, иако сме моментно второпласирани во групата.

Во претежно добри услови за игра, со сончеви периоди, но и ветар кој правеше проблеми, двете репрезентации во првите 45 минути не покажаа некој атрактивен фудбал и без многу шанси за реализација. Во еден мирен период Израелците многу среќно во 21 минута после еден изведен корнер постигнаа водечки гол.

Нашиот голман Јанков не реагираше најдобро, топката дојде до Елиас и од непосредна близина ја затресе мрежата.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски се обидуваа со сите сили што побрзо да израмнат, но скоро и не создоа една сериозна шанса во текот на првото полувреме, доста долги акции со многу додавања, немаше решение како да се нападне, гостите после нивниот погодок главно ориентирани не дозволуваа ниту да се доближиме до нивниот казнет простор.

Непосредно пред паузата многу случајно гостите дојдоа во позиција да си постигнат автогол, но за наша несреќа резултатот остана непроменет.

Во вториот дел бевме многу подобри, а конечно видовме и еден убав напад, Чурлинов од работ на шеснаесетникот шутираше, но беше непрецизен за неколку метри. А потоа можевме многу лесно да бидеме казнети, противникот имаше две прекрасни шанси, најпрво преку Алтман пред самиот петерец кој шутираше високо над голот, а потоа во „еден на еден“ ситуација Алмог чиј удар го одбрани Јанков.

Во 56 минута еден незгоден момент за нас, бидејќи беше досуден пенал за Израел после прекршокот на Митровски, но за среќа Јанков излезе како победник во дуелот со Алмог и ги остави активни надежите дека може на крајот да се извлече добар резултат.

Се обидуваа со сите сили македонските надежи да дојдат барем до бод, во 86 минута Чурлинов одново се најде во позиција да го загрози гостинскиот гол, но повторно за малку непрецизен.

Последната шанса да останеме непоразени ја имавме во последната минута од судиското надополнување и истата ја искористивме од слободен удар кој прекрасно го реализираше Јани Атанасов (90+4`) за поставување на конечниот епилог.

Наредниот претпоследен меч од квалификацискиот циклус Македонија ќе го игра на 12 ноември 2020 година на гостувањето кај Израел.

У21 Квалификации за ЕП 2021 (Унгарија/Словенија)

Квалификациска група „6“

Денеска –

Македонија-Израел 1:1
18.00 часот Фарски Острови-Црна Гора
18.45 часот Шпанија-Казахстан

Табела: Шпанија 19 бодови, Македонија 14, Израел 12, Казахстан 10, Црна Гора 7, Фарски Острови 3.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот