Катерина Зајковска
Катерина Зајковска / Фото: Принтскрин /Собрание

Катерина Зајковска е предложена да ја замени Цвета Ристовска како член на Антикорупциска комисија

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата со мнозинство гласови го усвои предлогот Катерина Зајковска да биде избрана за член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), со што би дошла на местото на Цвета Ристовска, зад која се појави скандал со финансирањето на партиите на претседателските избори.

Зајковска, како што појасни претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски, е дипломиран економист и магистер по сметководство, финансии и ревизија од Скопје. Од петте кандидати кои ги исполнувале условите и учествувале на интервјуата, таа освоила најмногу, односно 90,67 бодови.

Комисијата оценила дека врз основа на дадените одговори кандидатката има големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и има јасна визија за работата на ДКСК и план за нејзината работа. Притоа, дала одлични одговори за поставените општи и посебни прашања.

Зад неа е Милка Муратовска, а потоа се Тања Левајковиќ и Владимир Клековски.

Пратеникот Љупчо Николовски смета дека за член на ДКСК требало да биде предложена второрангираната Муратовска, која, како што рече, немала ниту еден еден процент разлика од прворангираната и била со специјализирано образование во делот на антикорупцијата.

Зајковска сега треба да биде потврдена на собраниска седница со мнозинство гласови, а со тоа би ја заменила Цвета Ристовска, која си поднесе оставка по скандалот со финансирањето на партиите на претседателските избори на кои работеле фирмите на нејзините деца.

„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, стоеше во нејзината оставка.

ДКСК отвори два предмета за да ја испитува својата колешка затоа што не ги пријавила фирмите на нејзините деца во нејзиниот анкетен лист, а фирма на еден од синовите добивала пари во кампањата за претседателските избори во 2024 година.

Антикорупционерката Цвета Ристовска поднесе оставка

Претходно, Антикорупциска комисија ја тресеа скандели и со бившата претседателка Татјана Димитровска. Таа е обвинета за две кривични дела – оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат, односно дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.

Татјана Димитровска во судница: Не се чувствувам виновна

Критики за Антикорупциска стигнаа и во последниот извештај на Европската комисија за Македонија.

„ДКСК беше колеблива во постапувањето со политички чувствителни случаи, а нејзината комуникација со јавноста беше недоволна, што предизвика загриженост за нејзината транспарентност“, се истакнува во Извштајот.

Што вели Извештајот за правосудството: Европската комисија ја „осуди“ сериозната робусна акција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот