Татјана Димитровска во судница: Не се чувствувам виновна
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска, обвинета дека оддала службена тајна на обвинетиот во случајот „Адитив“, Небојша Стојановиќ, денеска во судница се изјасни дека не чувствува вина за делото што ѝ се става на товар. Таа рече дека не се чувствува виновна ниту дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот после кој таа добила сертификат со највисок степен на доверливост „државна тајна“.
Препорачано
-Ја разбирам содржината на обвинението и не ги признавам делата. Не се чувствувам виновна и мислам дека не сум сторила ништо за што сум обвинета – рече Димитровска.
Судењето продолжува со изведување на докази.
Адвокатот на Димитровска, Владимир Туфегџиќ до судот достави поднесок со кој бара Обвинителството да го повлече обвинението зашто Антикорупциската комисија јавно на Јутјуб ги емитувала седниците за четирите предмети за кои се товари неговата клиентка, а во тие преноси кои се достапни и денеска, биле елаборирани сите документи и докази за кои денеска Обвинителството тврди дека биле издадени како тајна.
-Ниеден документ што бил предмет на расправа на јавна седница, немал класификација службена тајна, рече Туфегџиќ.
За комуникацијата што Димитровска ја имала со другиот ревизор, одбраната тврди дека таа била за да тој ѝ помогне да пополни апликација. Но, како што рече Туфегџиќ, во тоа нема елементи на кривично дело зашто тоа не е забрането по закон, ниту е јасно дефинирано пополнувањето на апликацијата. Дополнително, тој смета дека самата безбедносна проверка од страна на Агенцијата за национална безбедност е клучна за добивањето на сертификатот, а не тестирањето.
Татјана Димитровска си даде оставка од функцијата претседател на Антикорупциската комисија откако Јавното обвинителство против неа поднесе обвинителен предлог за оддавање службена тајна и за компјутерски фалсификат.
Истрагата против неа почна откако беше анализирана телефонската комуникација на Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино и обвинет во случајот „Адитив“. Според обвинението, Димитровска, преку апликации му давала на Стојановиќ доверливи податоци за поведени постапки, отворање предмети против правни и физички лица, службени белешки, како и информации за проверка на имотната состојба на обвинетиот и неговото семејство.
Дополнително, Димитровска се гони и за тоа што му ги дала логовите на нејзин колега ревизор за да полага во нејзино име за сертификат за класифицирани информации.


