Антикорупционерката Цвета Ристовска поднесе оставка
Антикорупционерката Цвета Ристовска за која Државната комисија за спречување на корупција отвори два предмета, денеска поднела оставка од функцијата член на ДКСК која ја испратила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Препорачано
-Согласно член 14 став 1 алинеа 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, јас Цвета Ристовска поднесувам оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата. По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата. Во текот на целата моја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, својата работа ја извршував законито, совесно и со најдобра намера. Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет – се вели во оставката.
ДКСК отвори два предмета за да ја испитува својата колешка затоа што не ги пријавила фирмите на нејзините деца во нејзиниот анкетен лист, а фирма на еден од синовите добивала пари во кампањата за претседателските избори во 2024 година, објави Телма. Нејзините колеги сега ќе проверуваат судир на интереси и за непријавување на имот.
Во првиот случај, фирмата на синот на Ристовска, „Буст Дооел“, добила по 35 илјади евра од кампањата на претседателските кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО ДПМНЕ. Симптоматично е тоа што токму рекламирањето и финансирањето на кампањите меѓу другите институции го проверува и Антикорупциската комисија.
Истата фирма добила пари и за локалните избори во 2021 година од СДСМ, додека тогаш Ристовска била помошник државен ревизор. Вториот случај го објави партијата Левица, која откри дека Ристовска не ги пријавила фирмите на нејзините деца во нејзиниот анкетен лист. Ристовска беше известител во ДКСК за случајот со дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски.


