Антикорупционерите ќе ја проверуваат колешката Цвета Ристовска
Антикорупциската комисија отвори два предмети за антикорупционерката Цвета Ристовска затоа што не ги пријавила фирмите на своите деца во нејзиниот анкетен лист, а фирма на еден од синовите добивала пари во кампањата за претседателските избори во 2024 година, објави Телма. Нејзините колеги сега ќе проверуваат судир на интереси и за непријавување на имот.
Препорачано
Во првиот случај, фирмата на синот на Ристовска, „Буст Дооел“, добила по 35 илјади евра од кампањата на претседателските кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО ДПМНЕ. Симптоматично е тоа што токму рекламирањето и финансирањето на кампањите меѓу другите институции го проверува и Антикорупциската комисија. Истата фирма добила пари и за локалните избори во 2021 година од СДСМ, додека тогаш Ристовска била помошник државен ревизор.
Вториот случај го објави партијата Левица, која откри дека Ристовска не ги пријавила фирмите на своите деца во нејзиниот анкетнен лист.
Ристовка пак тврдела дека работела законски.
-Во мојата работа до денес постапувам законито, професионално и посветено, со целосен личен и професионален интегритет. Моите деца, кои од 2017 година од 2019 година не живеат во заедничко домаќинство со мене, својата работа и своите активности ги остваруваат, според законските прописи, без поврзаност со мојот работен статус – рекла Ристовска за Телма.
Ристовска беше известител во ДКСК за случајот со дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски.


