Христијан Мицкоски и Антонио Кошта во Брисел / Фото: Фејсбук

Што вели Извештајот за правосудството: Европската комисија ја „осуди“ сериозната робусна акција

Независноста и непристрасноста на судството треба да се подобрат. Перципираното ниво на доверба во правосудството останува многу ниско. Надворешното и политичкото мешање останува сериозна загриженост. Повторените изјави од високи политичари претставуваат непримерно влијание или заплашување и ја поткопуваат независноста на судството. Избрани политичари и владини функционери ја ескалираа својата реторика за преземање мерки против судиите и обвинителите што ги обвинуваат за корупција, пишува во Извештајот на Европската комисија.

Најавите на премиерот Христијан Мицкоски за „сериозна робусна акција“ против судиите и обвинителите, но и јавните навреди и закани кон нив се најдоа во Извештајот на Европската комисија како непримерни изјави што ја поткопуваат независноста на судството, за што Владата оваа година доби најниска оценка.

Покрај ова, нотирани се и малкуте пари што се издвојуваат од буџетот за правосудството и за надминување на проблемот со недостиг на кадар. Сето ова го предвиде и самиот премиер, кој беше свесен дека ќе биде обвинет за политички притисок врз судиите и јавните обвинители.

Оттаму, Извештајот што треба да се занимава со напредокот на Македонија во евроинтегративните процеси има формулации од типот „никаков напредок“.

„Независноста и непристрасноста на судството треба да се подобрат. Перципираното ниво на доверба во правосудството останува многу ниско. Надворешното и политичкото мешање останува сериозна загриженост. Повторените изјави од високи политичари претставуваат непримерно влијание или заплашување и ја поткопуваат независноста на судството. Избрани политичари и владини функционери ја ескалираа својата реторика за преземање мерки против судиите и обвинителите што ги обвинуваат за корупција“, пишува во Извештајот на Европската комисија.

Гласањето во Собранието – притисок врз членовите на Судскиот совет

 

Споменатите изјави, но и интерпелациите за членовите на Судскиот совет, избрани во Собранието, оставката на поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева, која обвини за политички притисоци, не ја зголеми, туку, како што нотира Европа, ја намали довербата во правосудството. Гласањето на интерпелациите, пак, се толкува како обид на Собранието да изврши притисок врз членовите да поднесат оставка.

Сиљановска Давкова за објавата на Фон дер Лајен: Кај мене не спомна ни топка ни двор

„Во декември, полицијата изврши претрес во просториите на Судскиот совет, по добиена пријава од Министерството за внатрешни работи. Понатаму, Собранието не го одобри Годишниот извештај на Судскиот совет за 2023 година. Ова послужи како правна основа за членовите на владејачката коалиција да поведат интерпелации против петте члена на Судскиот совет, избрани од Собранието. По интерпелациите, следуваше гласање недоверба поради наводно непрофесионално извршување на должноста што дополнително ја намали довербата на јавноста во правосудството“, пишува во Извештајот.

Но, освен критики за односот на власта кон судиите и обвинителите, во Извештајот има критики и за постапката за избор на новиот претседател на Врховниот суд (Африм Фидани), избор што предизвика загриженост за можно мешање, бидејќи членовите на Судскиот совет не дадоа суштински аргументи зошто Фидани е посоодветен од неговиот конкурент, поранешната претседателка на највисокиот суд Беса Адеми.

Европската комисија нотира отстапување од листата за рангирање во изборот на судии во граѓанскиот оддел во Апелацискиот суд, каде што беа избрани сопругите на советникот на премиерот за надворешна политика и на претседателот на Уставниот суд, Марија Клетничка Марковска и Цветанка Сиљаноска Костадиновска (беше шесторангирана).

Во Извештајот се најде и изгласаната интерпелација на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но и негативното мислење што го даде Советот на јавни обвинители кој беше „против“ што не ја премисли Владата која најави дека ќе ја продолжи постапката за негово разрешување по изборите.

Наспроти премиерот, кој кажа дека е против зголемување на платите и на обвинителите бидејќи не ги заслужуваат и оние што ги земале, сепак аргументите во Извештајот се дека судии и обвинители недостигаат, а Министерството за финансии не дава пари за вработување на најголемата досегашна група кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители, кои завршија уште минатата година. Академијата е единствениот „извор“ на нови судии и обвинители.

Антикорупциска беше колеблива

 

Критики има за Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), против чија претседателка Татјана Димитровска е поведена судска постапка, што го наруши кредибилитетот на институцијата. ДКСК беше една од ретките институции што досега во извештаите на ЕК добиваше позитивни оценки.

„ДКСК беше колеблива во постапувањето со политички чувствителни случаи, а нејзината комуникација со јавноста беше недоволна, што предизвика загриженост за нејзината транспарентност“, се истакнува во Извштајот.

Нема напредок ниту во борбата со корупцијата, па истрагата против поранешниот вицепремиер Артан Груби е спомената само во една реченица. Пожарот во Кочани, во кој загинаа 63 млади, како што пишува во Извештајот, откри трајни системски предизвици во однос на спроведувањето на антикорупциските мерки.

„Трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани на 16 март, во кој загинаа 62 лица, а над 190 беа повредени, предизвика јавни протести поради коруптивни практики, институционална небрежност и недостиг на надзор врз основните безбедносни стандарди и владеењето на правото. На 13 јуни, Јавното обвинителство обвини 34 лица и три компании, главно за „тешки дела против јавната безбедност“ во врска со катастрофата во Кочани. Меѓу обвинетите се сопствениците на ноќниот клуб, поранешни градоначалници, инспектори, обезбедување, поранешни министри и вработени во државни институции“, е дел од Извештајот.

Измените на Кривичниот законик со кои се амнестираа високи функционери што се најавуваат повеќе од година и половина откако дојде новата власт, никако да стигнат во Собрание, што пак ја продолжува неказнивоста.

Извештајот на ЕУ е слика за Владата на Македонија – Ксенофобична со балканска матрица, вели Битиќи

„Последиците од измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, недостигот на соодветни човечки и финансиски ресурси и доцнењата во судските постапки го попречуваат воспоставувањето цврст резултат во антикорупциските случаи, вклучително и оние на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Ова дополнително придонесува за чувство на неказнивост. Слабата судска транспарентност и обвинителската ефикасност продолжуваат да ја попречуваат ефективноста и интегритетот на постапките во случаите на корупција на високо ниво“, порачуваат од ЕК.

Мицкоски ги предвиде оценките, но е подготвен да плати политичка цена

 

Наместо да се приближуваме кон стандардот на ЕУ, ние се оддалечуваме, покажува Извештајот на Европската комисија

 

Мицкоски и пред објавувањето на Извештајот очекуваше неговите изјави и интерпелациите да се најдат во оценката на ЕК, но сепак остана на најавата за сериозна робусна акција, дури и да плати политичка цена за тоа.

– Со целиот политички ризик, по локалните избори треба да се направи една сериозна робусна акција за сите овие, судството и обвинителството со два проценти доверба, а ако се утврди одговорност, треба и да одговараат за тоа што се случува, по цена и да бидеме дел од извештаите дека правиме политички притисоци. Ако седите настрана, тогаш нема владеење на правото, а ако се вклучете во процесот, тогаш правите политички притисок. Така што, јас би рекол, подобро еднаш засекогаш да расчистиме со овие инсталации на претходната влада во рамките на нашиот судско-обвинителски систем и да видиме и да избереме луѓе што се со квалитет, со компетенции од фелата и да се надеваме дека тие ќе бидат заштитници на правото и на правдата – изјави претходно Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот