Наместо да се приближуваме кон стандардот на ЕУ, ние се оддалечуваме, покажува Извештајот на Европската комисија

Конвергенцијата со нивоата на приходи во ЕУ остана многу бавна, при што реалниот БДП по глава на жител изразен во стандардот на куповна моќ се зголеми од 40% од просекот на ЕУ-27 во 2017 година на 43% во 2021 година, а потоа се намали на 42% во 2024 година“, пишува во Извештајот на Европската комисија.

Владата не постигна напредок во клучните реформи, е првата реченица во економскиот дел од Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата. Во Извештајот се забележува дека се одложени плановите за фискална консолидација, што народски значи голема „дупка“ во приходите во буџетот во однос на бруто-домашниот производ и што постојано се крпи со нови долгови што го зголемуваат јавниот долг. Забелешки има и за сивата економија, за реализација на капиталните инвестиции, за влошената надворешна позиција, за јакнење на инфлацијата. Позитивни оценки има за ликвидноста на банкарскиот сектор, за намалената невработеност, но со забелешка за структурни недостатоци на пазарот на труд.

Епилогот од сите забелешки е дека Македонија станува сè пооддалечена по животниот стандард во однос на Европската комисија.

„Конвергенцијата со нивоата на приходи во ЕУ остана многу бавна, при што реалниот БДП по глава на жител изразен во стандардот на куповна моќ се зголеми од 40% од просекот на ЕУ-27 во 2017 година на 43% во 2021 година, а потоа се намали на 42% во 2024 година“, пишува во Извештајот на Европската комисја.

Големата неформална економија, која според некои процени сочинува дури 38% од БДП, ја поткопува конкурентноста на домашните компании, забележува Европската комисија. Оттаму посочуваат на податокот од Државниот завод за статистика дека во 2024 година, уделот на работната сила вработена во неформалниот сектор се зголеми за 1,6 процентни поени на 12,3 проценти.

„Спроведувањето на Акцискиот план на владата за 2023 година за формализирање на неформалната економија се забави, делумно поради реорганизацијата на одговорностите во новата влада. Понатаму, правната сигурност во деловното опкружување е попречена од зголемувањето на забрзаните парламентарни процедури, како и од недоследната примена на прописите“, пишува во Извештајот.

Комисијата забележува дека инфлацијата останала висока, иако е во опаѓање, додека фискалниот дефицит е поголем од планираното ниво.

„Македонската економија покажа извесна отпорност во услови на глобални шокови, но нејзината конкурентност е ограничена поради ниската продуктивност и структурните нерамнотежи“, се наведува во документот.

Пазарот на трудот остана отпорен, иако структурните предизвици продолжуваат. Во последните години има постојани подобрувања во клучните индикатори на пазарот на трудот: намалена стапка на невработеност, подобрена стапка на вработеност, но невработеноста кај младите луѓе (возрасна група 15-24) останува висока – 29 проценти.

„Пазарот на трудот продолжува да страда од структурни недостатоци какви што се ниските стапки на учество, особено за жените, и несовпаѓањата на вештините. Тие се голема пречка за економски раст. Растот на платите остана висок, поттикнат од договорите за плати во јавниот сектор и зголемувањето на минималните плати“, пишува во Извештајот.
Додека има многубројни негативни оценки за нашата фискална консолидација, како што пишува во Извештајот „во врска со макрофинансиската помош на ЕУ, Владата не изрази интерес за спроведување на втората и последна транша и поврзаните реформи“. Во ноември истече двегодишната линија за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ) на ММФ и иако е констатиран напредок во фискалните реформи и фискалното управување, „не се исполнија некои други обврски, особено во врска со навремената процена на фискалните ризици од јавните работи на патните коридори 8 и 10-д“.

Во Извештајот е наведено и дека препораките на Комисијата од минатата година беа само делумно имплементирани и затоа остануваат во голема мера валидни.

„Во наредната година, Северна Македонија треба особено: да го усвои преостанатото законодавство за спроведување на органскиот закон за буџет и да обезбеди усогласеност со фискалните правила, вклучително и со усвојување дополнителни мерки за зголемување на приходите и контрола на тековните трошоци; да го забрза спроведувањето на акцискиот план за управување со јавни инвестиции и да го усвои Законот за јавно-приватно партнерство; да усвои и спроведе ревидиран акциски план за формализирање на неформалната економија“, пишува во Извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот