Златни совети и упатства: Како да ги изберете најдобрите пиперки за ајвар?

пиперки
Црвени пиперки - ајварки/Фото: Unsplash

Традиционалната македонска кујна не може да се замисли без ајвар. Неговата подготовка е и еден вид настан кој ги собира членовите на семејството, пријателите и соседите да ги здружат силите, со уживање и смеа, да учествуваат во чистењето, мелењето и печењето на пиперките…

Времето за подготовка на зимница започна, а ова се советите на искусните домаќинки кои можат да ви помогнат при подготовката на ајвар, пинџур и слични деликатеси, кои со задоволство ќе ги консумираме во зимските месеци.

При правењето зимница најважно е да се избере квалитетен зеленчук, а за ајварот пресуден е квалитетот на пиперката.

Важно е да е свежа, а најдобро е да биде од органско одгледување.

Вистина е дека ајварот може да се направи од речиси секоја црвена пиперка. Меѓутоа, за ајварот со врвен квалитет е потребна и пиперка со врвен квалитет, со точно дефиниран квалитет и по можност одгледувана на природен начин, како што беше порано.

Според тоа, познато е дека најдобриот ајвар се подготвува од стари, автохтони балкански сорти на пиперки, а најдобра меѓу најдобрите е познатата Куртовска капија. 

Куртовска капија е пиперка со интензивна црвена боја, робусна и цврста структура, со само две или поретко три страни, издолжена и зашилена на врвот. Полна со вкус и арома, оваа пиперка е богата со сув месест дел, што е многу важно за квалитетен ајвар. Куртовска капија е црвена, силна и компактна. Се карактеризира со висок раст и висечки плодови. Најупотребувана пиперка за ајвар.

Должината на нејзините плодови обично се движи од 12 до 15 сантиметри, а нивната тежина е околу 70 грама. Големиот плус на оваа сорта е тенката кожа, така што плодовите од оваа сорта лесно се лупат.

Куртовска капија е доцна сорта чие месо има слаткаст вкус и посилна арома. Погодна е за различни преработки бидејќи плодовите содржат мал процент на вода. По технолошка зрелост е темно зелена, а во физиолошка зрелост е изразито црвена.

Ова се упатствата на искусните домаќинки и нашите баби за избор на вистинската пиперка за најдобар ајвар:

– Пиперката мора да биде целосно зрела и неоштетена.
– Најважно е пиперката да биде месеста и сува. Кога ќе се стави на скарата/печката за печење, оваа пиперка не „пишти“ и не испушта многу течност, туку полека се пече и ги задржува сите сокови и вкусови.
– Изберете рамни пиперки кои лесно се печат само од двете страни и со самото тоа и лесно се лупат.
– Доколку имате можност, одберете органски одгледана пиперка од стари сорти чии плодови обично се нешто помали, но поцврсти, таканаречените „ајварки“, од кои најдобра е Куртовска капија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот