Наковска-Бикова не успеа да се пласира во финалето/ на СХ1 пиштол од 25 метри/Фото: Македонски Параолимписки комитет

Јовановски: Се надеваме дека Оливера ќе има повеќе спортска среќа во следните настапи

Единствената македонска натпреварувачка на Параолимписките игри во Токио, Оливера Наковска-Бикова го имаше својот прв настап во дисциплината П2-воздушен пиштол-жени 10 метри.

Таа во финалето оствари резултат од 147.9 што беше доволно за шесто место.

Селекторот на македонската параолимписка репрезентација и претседател на Параолимпискиот комитет на Македонија Бранимир Јовановски го анализираше првиот од три настапи на Наковска-Бикова на олимпиското стрелиште во Асака.

– Во конкуренција на 18 врвни натпреварувачки, Оливера во квалификациите го освои осмото место со резултат од 557 кругови, што е резултат далеку од нејзините реални можности, но резултат кој повеќе се должи на недоволно спортска среќа, отколку на некакви грешки во настапот.

Едноставно од почетокот на натпреварот „не ја сакаше центарот“, како што велат стрелците. Погодоците се вртеа на дел од милиметар од десетката, но никако да ја „закачат“ и да го направат резултатот повисок, а настапот помалку стресен за стрелецот. Како и да е, со лавовска борба и без никакви намери за откажување, Оливера полека се качуваше во пласманот и на крај успеа да се пласира на осмото место и да влезе во финалната борба.

Во квалификациите македонската натпреварувачка имаше резултат далеку од нејзините реални можности/Фото: Македонски Параолимписки комитет

Финалето го започна коректно, меѓутоа мала деконцентрација во четвртиот истрел од првата серија од пет истрели, како и во петтиот истрел од втората серија, ја спуштија на дното од табелата. Секако дека осмото место не ја задоволуваше амбицијата на Оливера и таа продолжи да се бори за што поуспешен пласман, успеа да се извлече во следните два истрела избегнувајќи го осмото место и препуштајќи и го на Ајсел Озган од Турција, потоа и седмото кое ѝ припадна на младата Рубина Францис од Индија, но на крај киксевите од почетокот на финалето беа преголеми за да се надополни разликата и Оливера, иако во продолжението од натпреварот стрелаше коректно, мораше да ја напушти огнената линија како шестопласирана.

Таа петти по ред Параолимписки игри влегува во финалните борби/Фото: Македонски Параолимписки комитет

Секако ова шесто место е голем успех како за неа, така и за Параолимпискиот комитет на Северна Македонија. Таа петти по ред Параолимписки игри влегува во финалните борби, што е доказ за 17-годишен континуитет на врвни спортски перформанси. Се надеваме дека на следните два настапи ќе има повеќе спортска среќа, оти знаењето и борбеноста сигурно не ѝ недостасуваат – вели Јовановски.

Оливера Наковска-Бикова ќе настапи во уште две дисциплини, следниот настап е во дисциплината П3-Спорт пиштол на 25 метри на 2 септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот