Иранскиот претседател: Ова е само дел од моќта на Иран – не влегувајте во конфликт со Техеран
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, откако Иран лансираше ракети кон Израел, изјави дека Иран одговорил на „агресијата на израелскиот режим“, и дека е само дел од моќта на Иран. Тој му порача на Израел да не влегува во конфликт со Техеран.
„Врз основа на легитимни права и со цел мир и безбедност на Иран и регионот, беше даден решителен одговор на агресијата на ционистичкиот режим“, напиша Пезешкијан на платформата Х.
Според неговите зборови, акцијата била спроведена со цел да се одбранат интересите и граѓаните на Иран.
„Нека знае (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху дека Иран не е страна во војната, но дека цврсто се противи на каква било закана. Ова е само дел од нашата моќ. Не влегувајте во конфликт со Иран“, нагласи иранскиот претседател.
Пораката од Иран е дека Израел повторно ќе се најде на удар ако одговори. По ракетниот напад кон Израел, Техеран порача дека тоа било одговор на убиството на политичкиот водач на Хамас Исмаил Ханије, лидерот на Хезболах Хасан Насрала и заменик-командантот за операции на иранскиот корпус на револуционерната гарда Абас Нилфорушан.