Иран заплени два брода, но добро ги третира морнарите – меѓу екипажот има и Балканци
Иранските власти, покрај заплената на два брода, соопштија и за нивната прва уплата од таксите за премин на бродови низ Ормускиот Теснец.
Два товарни брода, запленети од Иран во близина на Ормускиот Теснец, со околу 40 членови на екипажот, се пренасочени кон пристаништето Бандар Абас, изјавија ирански извори денеска, откако Техеран најави одмазда поради заплената на ирански брод од страна на американските сили три дена претходно, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Иранската Исламска револуционерна гарда ги запленила бродовите вчера, едниот управуван од МСК, најголемата компанија за контејнерски бродови во светот, а другиот, според три извори, бил изнајмен од истата фирма.
– Околу 20 вооружени Иранци го нападнаа бродот. Морнарите се под нивна контрола, движењето им е ограничено, но се третирани добро – изјавил роднина на еден од морнарите за „Ројтерс“.
На бродот има и Балканци
Четворица морнари на бродот „МСК Франческа“, вклучително и капетанот, се од Црна Гора, додека, пак, двајца членови на екипажот се од Хрватска, потврди хрватското Министерство за надворешни работи.
– Бродот е закотвен на девет наутички милји од иранскиот брег. Преговорите меѓу МСК и Иран се во тек, нашите морнари се во добра состојба – изјави црногорскиот министер за поморство Филип Радуловиќ.
Деталите за екипажот на бродот под панамско знаме не се целосно познати, но ваквите бродови обично имаат најмалку 20 членови на екипажот. МСК одби да коментира.
Бродот „Епаминондас“, под либериско знаме, има 21 член на екипаж – Украинци и Филипинци, според грчката крајбрежна стража, и бил на пат кон Индија.
Иако екипажите се безбедни, властите во нивните земји бараат дополнителни информации за нивната состојба и работат на нивно ослободување. Нема информации за товарот на бродовите.
Двата брода ги исклучиле своите системи за следење, но според безбедносни извори, се наоѓаат во близина на Бандар Абас.
Иранските сили отвориле оган врз трговски брод во близина на Ормускиот Теснец
Иран ја изврши првата наплата
Иранските власти соопштија и дека веќе е реализирана првата уплата од таксите за премин на бродови низ Ормускиот Теснец, средства кои се депонирани на сметка во Централната банка.
Таксите се воведени како дел од ограничувањата на Техеран поради воените тензии со САД и Израел. Иран првично ја ограничи пловидбата, дозволувајќи само на бродови без врски со „непријателите“ да минуваат по плаќање.
Иако мерките беа делумно укинати, тие повторно се активирани по политички изјави и продолжени блокади во регионот, а причина е и тоа што американските сили го запленија иранскиот брод „Туска”, на што Техеран одговори со закани и барање за итно ослободување.
Напнатоста го зафати и нафтениот пазар, цената на брент скокна на 104 долари за барел, речиси двојно повеќе во однос на периодот пред почетокот на војната.
ВИДЕО | Америка отвори оган врз ирански брод и го заплени – Техеран најави одмазда


