ВИДЕО | Америка отвори оган врз ирански брод и го заплени – Техеран најави одмазда
Американската војска соопшти дека вчера наводно отворила оган кон товарен брод под иранско знаме кој се движел кон пристаништето Бандар Абас, по шестчасовен застој, при што му ги оневозможила моторите. Потоа, американски маринци наводно се спуштиле со јажиња од хеликоптери на бродот.
САД денеска соопштија дека запленија ирански товарен брод кој се обидел да ја пробие нивната блокада, а Иран најави одмазда, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Обидите за постигнување подолготраен мир во регионот изгледаат нестабилни бидејќи Иран соопшти дека нема да учествува во втората рунда преговори што САД се надеваа да ја започнат пред истекот на примирјето во вторник.
САД ја одржуваат блокадата на иранските пристаништа, додека Иран ја укинуваше, па повторно ја воведе сопствената блокада врз поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, преку кој обично поминува околу една петтина од светската нафта.
Американската војска соопшти дека вчера отвори оган кон товарен брод под иранско знаме кој се движеше кон пристаништето Бандар Абас, по шестчасовен застој, при што моторите биле оневозможени.
„Потоа, американски маринци се спуштија со јажиња од хеликоптери на бродот“, соопшти Централната команда на САД.
Претседателот Доналд Трамп напиша на социјалните мрежи дека „имаме целосна контрола врз нивниот брод и проверуваме што има на него“.
Иранската војска соопшти дека бродот патувал од Кина.
„Предупредуваме дека вооружените сили на Исламската Република Иран наскоро ќе одговорат и ќе возвратат на ова вооружено пиратство од страна на американската војска“, изјави воен портпарол, според државните медиуми.
Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 5 отсто, а берзите се разнишаa бидејќи трговците стравуваат дека примирјето ќе пропадне и дека сообраќајот во и од Заливот ќе остане минимален.
Иран ги отфрли мировните преговори
Иранските државни медиуми објавија дека Техеран ги отфрлил новите мировни разговори, наведувајќи ја тековната блокада, заканувачката реторика и „прекумерните барања“ на Вашингтон.
„Не може да се ограничува извозот на иранската нафта, а истовремено да се очекува слободна безбедност за другите. Изборот е јасен: или слободен пазар на нафта за сите, или ризик од значителни последици за сите“, напиша првиот потпретседател на Иран, Мохамадреза Ареф, на социјалните мрежи.
Трамп претходно го предупреди Иран дека САД ќе уништат секој мост и електрана во земјата доколку Техеран ги одбие неговите услови, продолжувајќи ја неодамнешната практика на вакви закани.
Иран, пак, соопшти дека доколку САД нападнат цивилна инфраструктура, ќе ги гаѓа електраните и постројките за десалинизација во арапските земји од Заливот.
Подготовки за преговори што можеби нема да се одржат
Трамп изјави дека неговите пратеници ќе пристигнат во Исламабад денеска навечер, еден ден пред истекот на двонеделното примирје.
Претставник на Белата куќа изјави за „Ројтерс“ дека делегацијата ќе ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс, кој ги водеше првите мировни разговори пред една недела, заедно со специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Но, Трамп подоцна изјави дека Венс нема да присуствува.
Пакистан, кој служи како главен посредник, изгледа се подготвува за разговорите. Два големи американски транспортни авиони Ц-17 слетаа во неделата попладне во воздухопловна база, носејќи безбедносна опрема и возила за подготовка на доаѓањето на делегацијата, според два пакистански безбедносни извори.
Градските власти во Исламабад го запреа јавниот превоз и товарниот сообраќај низ градот. Бодликава жица беше поставена околу хотелот „Серена“, каде што се одржаа претходните разговори, а на гостите им било наредено да го напуштат хотелот.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, кој ја предводи иранската страна во разговорите, претходно изјави дека има напредок, но дека двете страни сè уште се далеку една од друга по прашањата за нуклеарната програма и теснецот.
Европските сојузници, кои Трамп повеќепати ги критикуваше дека не го поддржуваат доволно воeниот напор, стравуваат дека американскиот тим турка кон брз, површен договор што би барал месеци или години за техничко доразработување.
Сега, во осмата недела, војната предизвика најтежок шок врз глобалните енергетски снабдувања во историјата, при што цените на нафтата нагло растат поради фактичкото затворање на теснецот.
Илјадници луѓе се убиени во американско-израелските напади врз Иран и во израелската инвазија врз Либан, која се одвива паралелно од почетокот на војната на 28 февруари.
Иран возврати со ракети и со дронови кон Израел и кон блиските арапски земји кои имаат американски бази. Исламската Република погуби двајца мажи осудени за соработка со израелската разузнавачка служба Мосад и планирање напади во земјата, објави судскиот портал „Мизан“.


