Трамп го праќа Венс на нова рунда преговори во Пакистан, Техеран однапред вели дека нејќе да разговара
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД испраќаат делегација во Пакистан за нова рунда преговори со Иран. Како што посочи тој на социјалните мрежи, се очекува американски претставници да пристигнат во Исламабад уште вечерва, а Белата куќа потврди дека делегацијата ќе ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс.
Препорачано
Во делегацијата ќе бидат и советниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои учествуваа во претходните преговори.
Од друга страна Иран сè уште не го потврдил пристигнувањето на иранската делегација, а државните медиуми јавуваат дека нивните претставници нема да учествуваат додека е на сила блокадата на САД, пренесува „Гардијан“.
Додека американската морнарица продолжува да го блокира Ормускиот Теснец, нема да има понатамошни преговори, објави агенцијата Тасним, повикувајќи се на неименуван извор запознаен со ова прашање.
Но, исто така, агенцијата наведе дека двете страни размениле пораки во последните денови со посредство на Пакистан.
За потсетување, последната рунда преговори траеја неколку часа, но не донесоа договор, при што двете страни останаа далеку од компромис, особено за нуклеарната програма на Иран.


