Интервју со Дрита Ислами: Тренирав без поддршка, но не се откажав – целата енергија ја давам за атлетиката!

дрита ислами 2
Оваа компанија никогаш не се ни обидува да ги поправи техничките проблеми на нивните возила, таа нема никаква одговорност за животите на нивните патници, вели Ислами / Фото: СП. архива

Атлетиката е кралица на спортовите, за мене е најубавиот спорт, како прво ми се допаѓа дека е индивидуален спорт, си работиш за себе, се мачиш за себе – вели Ислами.

„Слободен печат“ направи интервју со атлетичарката Дрита Ислами која на Националното првенство за сениори во Софија успеа да собори стар рекорд дури 40 години на 400 метри.

Таа како дел од Атлетската федерација на Македонија се натпреваруваше во Бугарија и успеа на таа трка да го собори националниот рекорд на нашата земја со време 56.35 секунди.

Рекордот во оваа дисциплина беше претходна сопственост на нашата атлетска ѕвезда Елизавета Божиновска кој претходно изнесуваше 56.49 сек.

На тој начин одлично започна 2020 година за Ислами која е воедно држи шест рекорди, со настапи на Европски и Светски првенства, Олимписки игри…Таа најавува дека нејзините активности ќе бидат насочени кон ЕП во Париз.

Колку години тренирате атлетика, во кој клуб и кој е вашиот тренер?

– Со атлетика почнав од многу мала, тренирам скоро 11 години. Почнав во Атлетскиот клуб „Лирија“, но скоро пет години сум дел од Атлетскиот клуб „Работнички“ каде тренирам со мојот тренер Александра Војнеска Зикова.

Урнавте рекорд стар 40 години, резултат 56.35 секунди во дисциплината 400 метри, кажете ни нешто повеќе околу тој настап на првенството во Бугарија?

– Искрено не очекував дека ќе го урнам тој рекорд, пред да ја трчам првата трка не знаев ни колку е рекордот. Не бев спремна психички да трчам во зимската сезона, сакав да се спремам само за летната, но благодарение на мојот тренер Александра која ме натераше да трчам, таа секогаш верува и чекаше добар резултат од мене. Откако ја завршив првата трка со одличен резултат 56.74 секунди, беше сосема неочекувано за нас, се интересиравме за рекордот и дознавме дека сме многу блиску и токму затоа ја направив втората трка со личен резултат од 56.62. Ми требаше многу малку за рекордот, знаев дека можам да трчам побрзо и отидов пак во Бугарија каде што го запишав и новиот државен рекорд, 56.35.

Што ве поттикна да бидете дел од „кралицата на спортовите“?

– Атлетиката е кралица на спортовите, за мене е најубавиот спорт, како прво ми се допаѓа дека е индивидуален спорт, си работиш за себе, се мачиш за себе, на крај победуваш и се чувствуваш многу убаво, се бориш со времето, има многу убави нешта во овој спорт.

Која ви била најтешка, а која најдрага трка досега во кариерата?

– Можам да кажам дека најтешка трка ми била на Олимписките игри во Рио (2016), бев многу млада за да се соочам со толку силна конкуренција и со толку голем притисок, но истовремено е и најубава трка за мене, затоа што тоа е врвот и секој спортист сонува да трча во Олимпијада. Исто така во Скопје на Европскиот куп 3-та лига уживав додека трчав на домашен терен со наша публика.

Кои се вашите најголеми успеси на домашната и меѓународната сцена?

– На домашен терен имам постигнати доста големи успеси, рекордерка сум на Македонија, односно ги држам шест рекорди, прогласена сум за најдобра атлетичарка на годината деветпати по ред, шампионка сум на Македонија во дисциплините 100 метри со пречки, 400 метри со пречки, 200 метри и 400 метри. На меѓународната сцена ја имам претставено државата на многу големи натпревари, како што се Европски и Светски првенства, Олимписки игри, Светски универзитетски игра каде сум трчала во полуфинале, исто така на Европскиот куп во 2017 и 2019 сум победила на мојата дисциплина 400м со пречки.

Освен со атлетиката, дали се занимавате со други спортови?

– Многу сум фокусирана во атлетиката, целата моја енергија ја давам за овој спорт, но секако и м други омилени спортови како што е скијањето и пливањето.

Оваа година се Олимписките игри во Токио, кои се вашите следни активности?

– Да, оваа година ќе се одржуваат и Олимписките игри во Токио, од атлетика има право само еден учесник да оди, ќе биде голема борба во машка и женска конкуренција. Но, има и некои други правила за учество, моите активности ќе бидат насочени кон Европското првенство во Париз, каде се подготвувам да ја постигнам европската норма во дисциплината 400м со пречки.

Што според вас треба да го краси човекот за да стигне до еден голем резултат, успех?

– Не е лесно да бидеш спортист во нашата земја, ни недостасуваат елементарни услови. Морам да кажам дека до пред една година сум тренирала без никаква поддршка, но сега благодарение на Атлетската федерација и новиот претседател, благодарение на Агенцијата за млади и спорт, Атлетскиот клуб „Работнички“, имам подобри услови и поголем мотив за тренирање. Но, без разлика на тоа, јас не сум се откажала, верував во себе, се борев и на крај успев. Треба да уживаш додека тренираш, да го сакаш тоа што го работиш, да имаш спортски дух, да го сакаш успехот и да се бориш за истиот. Да имаш поддршка од луѓето околу тебе и на крај успехот мора да дојде.

Кои се вашите желби и цели за 2020 година?

– За 2020 година прво го молам Господ да ми даде здравје за да можам да тренирам без прекин. Да ја исполнам европската норма да трчам таму да стигнам до полуфинале, зошто да не и финале. Да ги подобрам моите резултати, да соборам уште многу државни рекорди и да постигнам големи успеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот