ИНТЕРВЈУ Фросина Рајковска: По успехот на Дејан, интересот кон таеквондото се крена на повисоко ниво!

Таеквондо клубот „Бутел“ со своите успеси создава нови генерации, нови олимписки надежи/Фото: facebook.com/darko.kostovski.543/EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Продолжуваме со промовирањето на нашите спортски таленти на кои треба да се обрне внимание, да се вложува во нив, спортски се развиваат, успешно чекорат кон нови предизвици и преку кои со својата верба и надеж се обидат да ни донесат нови радости.

Спорт кој ветува во Македонија, таеквондото, знаеме дека Дејан Георгиевски лани ја израдува македонската нација со освојувањето на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио, Јапонија. Дејан кој има 22 години најави дека во 2024 во Париз ќе го брка златото.

Особено помладите покажуваат голем интерес кон оваа корејска боречка вештина и веќе со своето залагање и труд бележат одлични резултати.

Помеѓу нив е и Фросина Рајковска која тренира во таеквондо клубот „Бутел“, а нејзини тренери се Борче и Дарко Костовски, да, истите тие тренери кои беа и со Дејан и во Токио.

Во декември минатата година таеквондо клубот „Бутел“ објави дека освои 12 медали на силниот меѓународен турнир „Јастреб ОПЕН“ во Хрватска, седум златни, три сребрени и два бронзени медали. Рајковска освои злато во категоријата -46 кг., во јуниорска конкуренција.

Како започна љубовта кон таеквондото, што беше причината да бидеш дел од овој спорт?

– Најпрвин не бев запозната со овој спорт. Вујко ми долго време нè убедуваше мене и брат ми да се запишеме на таеквондо.

Македонската таеквондо надеж Фросина Рајковска ќе се бори за нови медали и во 2022 година/Фото: facebook

Во кој клуб и каде ги одржуваш тренинзите?

– Тренирам во Таеквондо клубот „Бутел“, во училишната сала на Св. „Климент Охридски“.

Во која категорија моментално настапуваш, колку пати дневно тренираш и кои се твоите тренери?

– До сега настапував во А-42 јуниори, но од оваа година започнувам во А-46 кг. Најчесто тренираме еднаш дневно, а почесто пред натпреварите. Моите тренери се Борче и Дарко Костовски.

Освои златен медал на турнирот „Јастреб ОПЕН“ во Хрватска, колку беше силна конкуренцијата?

– Конкуренцијата беше голема бидејќи репрезентативките од Хрватска се едни од најдобрите во Европа.

Кои се твоите најдраги досегашни успеси на домашната и меѓународната сцена?

– Најдраг успех ми е освојувањето на златниот медал од Софија Опен и балканските медали.

Веруваш ли дека има интерес во Македонија за таеквондото, видовме како Дејан Георгиевски ја израдува земјата со сребрениот медал на Олимписките игри, дали овој спорт може да ни донесе уште многу успеси?

– После ова освојувањето на сребрениот медал на Летните олимписки игри на Дејан Георгиевски, лично сметам декаа интересот кај помалите деца се крена на повисоко ниво.

Нејзин најдраг успех е освојувањето на златниот медал од Софија Опен и балканските медали/Фото: facebook.com

Како изгледа еден ваш обичен ден, дали рекреативно се занимавате со друг спорт?

– Најчесто знам да излезам и да поиграм фудбал.

Што е потребно за еден таеквондист, воопшто спортист за да може да верува во добар резултат?

– Најпрвин верба во Господ и да слушаш и веруваш во тренерите.

Што посакувате да ви се оствари во 2022 година, кои се вашите искрени желби?

– Да земам медал од натпреварот во февруари во Албанија и добар резултат на У21.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот