Интервју со Дејан Георгиевски: Во Токио не успеав за малку, но во Париз сигурно ќе освоиме златен медал

На теквондо турнирот „Скопје Опен 2022“ ќе учествуваат седум држави/Фото: Македонски олимписки комитет

Свесен сум за тоа што го направивме. И донесовме историски, најголем успех за нашата држава. Баш ми е мило што јас успеав да го направам тоа, но во исто време, криво ми е што претходно немал никој со ваков или сличен успех – вели олимпискиот вицешампион.

Македонија по пауза од 21 година повторно се запиша на листата на освојувачи на медали на Летните олимписки игри, а нов спортски херој е Дејан Георгиевски.
Младиот 22-годишен таеквондист е олимписки вицешампион, Георгиевски во категоријата над 80 килограми го освои сребрениот медал на Игрите во Токио откако во финалето загуби од Владислав Ларин.

Откако стивна еуфоријата, „Слободен печат“ разговараше со човекот кој го оствари најголемиот успех на Олимписките игри од осамостојувањето на Македонија.

– Свесен сум за тоа што го направивме. И донесовме историски, најголем успех за нашата држава. Баш ми е мило што јас успеав да го направам тоа, но во исто време, криво ми е што претходно немало никој со ваков или сличен успех, но сигурен сум дека сега многу млади ќе бидат убедени дека и тие можат да успеат и да направат големи резултати – вели Дејан за кого по доаѓањето беше организиран спектакуларен дочек во Скопје.

Тренерите Дарко Костовски и Борче Костовски со олимпискиот вицешампион/Фото: фејсбук, Дарко Костовски

– Кога видов колку луѓе се собрани, а претходно и колку пораки ми стигнуваа на телефонот, бев воодушевен од сето тоа што ми го приредија и сакам да им се заблагодарам за огромната поддршка. Среќен сум поради тоа што успеав да го обединам целиот македонски народ за една убава работа. Да бидеме сите позитивни и се надевам дека во иднина ќе се собираме што почесто за вакви работи.

ВИДЕО + ФОТО: Спектакуларен пречек за сребрениот олимпиец Дејан Георгиевски

Дејан на Игрите во Токио заминува самоуверено, најавуваше освојување на медал, типуваше на златниот, а тие најави на спортските фанови во Македонија им изгледаа сметаа за нереални.

– Сите ние бевме убедени, јас и моите тренери дека можеме да донесеме медал и во тоа немавме дилема. Затоа и најавувавме такво нешто – вели Дејан кој го реализира ветеното и иако не беше златен, тој во Скопје и Македонија донесе олимписки сребрен медал.

Полуфиналната борба на Георгиевски против Кореецот Кјо До Ин/Фото: EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

– Резултатите кои ги остварив претходните неколку години ни даваа за право да се надеваме, но и да знаеме дека можеме да дојдеме до медал. Со победата во квалификациите во Софија кога го победив тогаш актуелниот олимпискиот шампион Радик Исаев бевме сигурни, тренерот беше 100 проценти убеден дека ќе освоиме медал. Тоа што го најавивме и го остваривме, за жал не беше златен медал, но сигурен сум дека на следните ОИ ќе донесеме злато.

Како што тој „војуваше“ во Токио и се приближуваше кон целта, така и семејството и пријателите на Георгиевски во еден здив ги следеа неговите борби.

Првата борба по македонско време беше во 6.45 часот, тогаш кај мене дома имало премногу луѓе. Мислев дека само моите најблиски ќе бидат и ќе ја следат борбата, но кога ми испратија снимки тоа беше неверојатно. Мајка ми рече дека тоа било неочекувано, имало премногу луѓе кај нас дома. Потоа за финалето сите заминаа да гледаат во салата во Бутел каде тренираме. Тоа е некое нивно посебно чувство. Сигурен сум дека поддршката на сите Македонци беше искрена и од срце. Јас тој ден не користев телефон, за да немам притисоци од страна и да можам да се фокусирам само на борбите.

Златниот момент на секој олимпиец, Дејан обезбедува медал/Фото: EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Тренерите зборуваа дека нема Македонец кој не гледа таекводно, а јас ја чувствував таа енергија. Кога се пласирав во финалето, знаев дека телефонот ми е полн со пораки. Многу ми значеше нивната поддршка.

Прва „жртва“ на Георгиевски беше актуелниот светски шампион Рафаел Алба од Куба, потоа беше совладан Сејду Гбане од Брегот на Слонова Коска за во полуфиналето да биде победен и „магионичарот“ Дон Кјо Ин од Јужна Кореја.

– Мене некако ми беше сеедно, не размислував кој ми е прв, кој втор, кој трет противник. Откако ја добиме првата борба, повеќе не ми беше важен следниот противник бидејќи на турнирот беа најдобрите 16 таеквондисти на светот. Борбите ги гледавме како посебни препреки до главната цел, а тоа беше борба за медал. Се подготвуваме за противниците еден по еден, тренерот ми подготвуваше тактики за ривалите, а јас одев рунда по рунда. Останавме сите фокусирани до крај и стигнавме до финалето – зборува Дејан Георгиевски кој заедно со неговите тренери Борче и Дарко Костовски забележаа како од борба во борба се зголемуваше и респектот кој него од противниците иако стануваше збор за олимписки турнир на кој беа најдобрите 16 таеквондисти во категоријата над 80 килограми.

Финалната борба на Георгиевски против Владислав Ларин/Фото: EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

– Можно е да ме гледаа со поинакви очи бидејќи пласман на ОИ во Токио обезбедив со победа над легендата на таеквондото Исаев. Нѐ гледаа како работевме на загревањето, како се подготвувавме за борбите и сигурен сум дека не им беше сеедно. Тие можеби очекуваа дека Кубанецот Алба ќе ме победи во првото коло, но кога јас успеав и него да го победам, веќе почнаа поразлично да размислуваат. Сигурен сум дека си замислувале дека ќе им биде уште потешко во наредните борби.

Иако има само 22 години и блескава иднина пред себе, Георгиевски како ги победуваше противниците, во исто време покажуваше и зрелост и смиреност. Не дозволи да го надвладеат емоциите, и со идеално спроведување на тактиката поставена од селекторот Борче Костовски, дојде до борбата за медал.

Таеквондистот Георгиевски со олимпиското сребро во Токио/Фото: Македонски олимписки комитет

– Пред полуфиналето толку многу сакав да победам, но морав да останам смирен и да не дозволам да ме совладаат емоциите, да не се појави оној страв од победа. Во Токио заминав со цел да ги победам сите не ме интересираше кој од каде е. И во финалето исто така влегов со желба да победам, имав три победи претходно, но за жал испадна тоа што испадна, загубив. Здравје, наредниот пат ќе победам – вели Дејан.

Уште еден момент кој ќе остане во сеќавање на 22-годишниот таеквондист е и свечената церемонија на отворањето на Игрите на која токму Георгиевски беше знаменосец.

– Тоа беше посебно чувство, ве гледа целиот свет преку ТВ екраните. Иако немаше публика на трибините, сепак имаше премногу луѓе на олимискиот стадион. Кога излезе македонската делегација, го кренав знамето високо за да видат од каде сме. Ми беше голема чест што бев знаменосец и такви, што ја претставивме Македонија на највисоко ниво. Не може да се опише моментот додека чекоревме на стадионот.

Македонскиот таеквондист ќе атакува на златото во Париз/Фото: EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Олимпискиот вицешампион нема намера да мирува воопшто и веднаш ги започна подготовките за претстојните искушенија како што е Президент купот, но и настапот на Светското првенство во Кина, но и главната цел, обезбедување на норма за наредните ОИ во Париз за каде уште сега Дејан најавува нов медал, но не само еден. Георгиевски очекува на наредните ОИ да има повеќе таеквондисти кои ќе обезбедат олимписка норма, а меѓу нив е и помалата сестра Анамарија.

– Сега за малку ми избега златото, но на следните ОИ ќе бидам поискусен, ќе имам повеќе борби и и убеден сум дека и од таму ќе донесам медал. За сестра ми сигурен сум дека ќе настапи на Игрите во Париз, како и за Филип кој беше со нас во Токио како спаринг партнетр. Само да нѐ послужи здравјето, да ги избегнеме повредите, и во Париз ќе имаме повеќе претставници, ќе биде поголема делегација и тим што ќе се натпреварува и ќе одиме по медали – се зборовите на македонскиот спортски херој, таеквондистот Дејан Георгиевски.

Георгиевски е 11-тиот Македонец  кој освојува медал на Олимписките игри

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот