Индиски милијардер нуди спас за 80 нилски коњи на Пабло Ескобар, кои Колумбија планира да ги убие
Индискиот магнат Анант Амбани, син на милијардерот Мукеш Амбани, понуди да прими 80 нилски коњи од Колумбија, кои властите планираат да ги убијат поради ширењето на инвазивен вид, во неговиот центар за заштита на животни во Гуџарат, пренесува Си-ен-ен.
Препорачано
Нилските коњи во Колумбија се потомци на животните донесени во земјата од Пабло Ескобар, поранешен нарко-бос, во 1980-тите. Нивната популација оттогаш пораснала на околу 160 единки, а властите предупредуваат дека тие претставуваат закана за автохтоните видови и екосистеми во сливот на реката Магдалена.
Колумбиската влада пред неколку недели објави дека планира да убие 80 животни, што отвори дебата за можни алтернативи.
Затоа, Амбани побара од властите во Богота повторно да ја разгледаат одлуката и предложи животните да бидат префрлени во Вантара, центар за заштита на природата што го основал во Џамнагар, во државата Гуџарат.
Во објава на социјалните мрежи, тој изјави: „Овие 80 нилски коњи не избраа каде ќе се родат, ниту ги создадоа околностите со кои сега се соочуваат“. Тој додаде дека „тие се живи, разумни суштества и ако имаме капацитет да ги спасиме со безбедно и хумано решение, имаме одговорност да се обидеме“.
Според официјалната веб-страница на центарот, Вантара се грижи за повеќе од 150.000 животни од повеќе од 2.000 видови. Во писмото потпишано во име на Амбани од извршниот директор на Вантара, Виван Карани, се наведува дека тие се подготвени да обезбедат доживотна грижа за животните, со сите потребни дозволи, мерки за биолошка безбедност и логистичко планирање.
Колумбиската министерка за животна средина и одржлив развој, Ирена Велез Торес, изјави дека мерката има за цел да го запре неконтролираниот раст на инвазивните видови.
– Без оваа мерка, невозможно е да се контролира популацијата, а проценките покажуваат дека до 2030 година ќе имаме најмалку 500 нилски коњи кои би ги загрозиле нашите екосистеми и домашните видови, како што се морските крави и речните желки – изјавила таа.
Министерството претходно размислуваше за преместување на некои од животните во Еквадор, Перу, Филипините, Индија, Мексико, Доминиканската Република, Јужна Африка и Чиле, но тие планови, како што беше наведено, не напредуваа поради меѓународни ограничувања и оперативни пречки.
Нилските коњи беа вклучени на списокот на инвазивни егзотични видови во Колумбија во март 2022 година.
Најевтините плажи во Европа ова лето ни се во соседството — на врвот е една во Грција


