Хорнер: ГН на Лас Вегас ќе биде најголемиот спортски настан годинава

Шефот на шампионскиот тим на Ред бул смета дека првата Ф1-трка во „коцкарскиот рај“ ќе биде невиден спектакл и и најголем спортски настан на глобално ниво сезонава
Сезонава Формула 1 ќе има трка во Лас Вегас, прва во историјата на оваа локација, а овој спорт доживува бум на популарност во Америка.
Директорот на тимот на Ред бул, Кристијан Хорнер, изјави дека Гран при на Лас Вегас ќе биде најголемиот спортски настан годинава.
– Мислам дека тоа ќе биде најголемиот спортски настан на глобално ниво оваа година, навистина го мислам тоа. Мислам дека интересот и возбудата околу таа трка ќе бидат големи. Кој не сака да ја види таа трка? Ќе биде голем спектакл – вели шефот на актуелниот шампион.
Формула 1 се подготвува за викенд исполнет со ѕвезди во „син сити“ на 18 ноември (претпоследна трка), а сопствениците (Либерти медиа) сакаат да го зголемат комерцијалниот успех на овој спорт во САД.
Вегас е третата американска трка која е додадена во календарот, по Мајами минатата сезона и ГН на САД (Остин, Тексас) во 2012 година. САД сега одржуваат повеќе трки во Ф1 од која било друга земја, при што ниту една друга нација нема повеќе од две.
И покрај тоа што носителот на титулата најверојатно ќе биде познат пред ГН на Вегас, фановите очекуваат возбудлива ноќна трка низ улиците на познатиот град.