Изградба на автопатот Кичево-Охрид / Фото: Фејсбук

Голема македонска компанија прва откри дека користи унгарски кредит, позната е и сумата

„Гранит“ е првата домашна компанија која сама објави дека добила пари од унгарскиот кредит и ја откри сумата, објави Фактор.

Во образложението до „Македонска берза“ за остварениот резултат по изминатите девет месеци од годинава, акционерското друштво известува дека се подигнати три милиони евра од т.н.унгарски кредит.

„Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2025 година изнесуваат 184.205 илјади денари, од кои најголем дел во механизација и опрема кои се финансирани од комерцијалните банки преку унгарски подкредит“, известува „Гранит“.

Од таму додаваат дека активностите оваа година евидентно се намалени, но дека се очекуваат нови проекти, особено оние доделени од државата.

„Приходите од продажба за периодот јануари – септември 2025 година изнесуваат 2.004.971 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период 2024 година бележат намалување за 30%, пред сè како резултат на фактот дека неколку поголеми проекти на кои работеше Друштвото се завршени до крајот на 2023 година или во текот на 2024 година, додека нови проекти сè уште се во тендерска процедура“, додаваат од градежната комапнија.

Сè уште не е познато ниту кои фирми земале од унгарскиот кредит ниту колку пари. Ни Владата ни Развојната банка не откриваат податоци за приватните фирми.

Од средината на мај Владата овозможи да се користат парите од кредитот кој државата го зема од Унгарија. Предвидено е дека 250 милиони евра ќе бидат финансиска поддршка за компании преку поволни кредити кои ќе ги земаат од комерцијалните банки, кои пак преку Развојната банка ќе ги користат парите од унгарскиот кредит.

Кредитите за компаниите се дел од милијарда евра заем кој Македонија го доби од Унгарија. Двесте и педесет милиони евра се за компаниите, исто толку за локалните власти, а 500 милиони за враќање стари заеми на државата.

Од унгарскиот кредит за општините најмногу пари ќе се потрошат за подобрување на патиштата

Најголемиот износ кој една фирма може да го добие е 10 милиони евра. По вид на инвестиција, речиси половина од исплатениот износ е за инвестиции во градежни фирми.

Половина од унгарскиот кредит веќе се потроши- ќе се гради, асфалтира, реконструира, а ќе се купи и некоја машина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот