Евра/ Фото: архива

Левица: Зошто Развојна банка одбива да даде листа на компании кои добиле средства од унгарскиот кредит?

„По побаран пристап до информации од јавен каратер – Развојната банка на Македонија одби да ја приложи листата на компании кои добиле средства од унгарскиот заем од 250 милиони евра што го обезбеди на брза трака Владата на ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, со образложение дека се работи за „деловна тајна“. Во секоја правно и фискално уредена држава, средствата што ги позајмува Владата во име на граѓаните мора да бидат распределени на транспарентен начин и подложни на јавен надзор. Станува збор за јавен долг кој ќе се сервисира со пари на даночните обврзници (граѓаните), а не од приватен фонд на владејачката елита“, порачаа од политичката партија Левица.

Криењето на имињата на компаниите кои добиле државна поддршка, според Левица, претставува сериозно отстапување од начелата на транспарентност, отчетност и еднаков пристап. Од партијата велат дека тоа отвора сомнежи за злоупотреба, клиентелизам и нефер распределба на јавни ресурси.

– Доколку компаниите немаат што да кријат, зошто јавноста не смее да ги знае нивните имиња? Ако постои реална намера да се поттикне економскиот развој, тогаш целата постапка мора да биде отворена, а не скриена зад параванот на „деловна тајна“. Ова е прашање на јавна политика, а не на банкарски односи. Ги потсетуваме институциите, особено Развојната банка, дека нивната основна функција е да дејствуваат во корист на јавниот интерес и економскиот развој, а не да штитат поединечни деловни интереси – се вели во соопштението.

Левица бара итно објавување на целосната листа на компании кои добиле средства од унгарскиот заем, како и критериумите според кои тие биле избрани.

– Ќе ги искористиме сите расположливи правни и институционални механизми за да ја добиеме оваа информација, затоа што јавниот интерес не може да биде цензуриран. Јавните пари подразбираат јавна отчетност – порачаа тие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот