Главата на робот Це-три-пи-о од „Војна на ѕвездите“ (C-3PO): HENRY NICHOLLS / AFP / Profimedia

Глава на робот од „Војна на ѕвездите“ продадена на аукција за милион долари

Главата на познатиот робот Це-три-пи-о (C-3PO) од култниот научнофантастичен филм „Војна на ѕвездите: Епизода пет – Империјата возвраќа удар“ (Star Wars: Episode V – The Empire Strikes Back) е продадена на аукција за повеќе од еден милион долари, поставувајќи рекорд како најскап предмет на тековната пролетна продажба на филмски реквизити, пишува „Би-би-си“.

Станува збор за оригинален филмски реквизит користен во снимањето на продолжението од 1980 година, во режија на Џорџ Лукас. Според аукциската куќа специјализирана за ваков вид предмети, ова е единствениот познат примерок од главата на роботот од тој филм што се појавил на пазарот на колекционери.

Реквизитот бил продаден за 1.058.400 долари, со што значително ги надминал очекувањата и станал највредниот експонат на досегашниот дел од аукцијата. Настанот, кој се одржува во Лос Анџелес, опфаќа повеќе од 250 предмети од познати филмови и телевизиски продукции и досега донел околу 6,5 милиони долари.

Ликот на Це-три-пи-о го толкува актерот Ентони Дениелс, кој за време на снимањето носел целосен златен костим. Оваа верзија од костимот била изработена со гипсени калапи од неговото тело, рачно обликувана и потоа составена од фиберглас обложен со златна боја.

Покрај овој реквизит, на аукцијата биле продадени и други вредни предмети. Меѓу нив се и скршените делови од мечот Нарсил од „Господар на прстените“, кои достигнале цена од 252 илјади долари, како и златен билет од филмот „Вили Вонка и фабриката за чоколада“ од 1971 година, продаден за над 107 илјади долари.

Оваа аукција уште еднаш ја потврдува огромната вредност и интерес што филмските реквизити го имаат кај колекционерите ширум светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот