Франција си ја врати олимписката титула, одлично судење на Начевски и Николов

EPA-EFE/TATYANA ZENKOVICH

Ракометната репрезентација на Франција со 25:23 ја совлада Данска во финалето на олимпискиот турнир во Токио. Ова воедно значи симнување од олимпискиот трон на Данска и враќање на истиот на Франција бидејќи „триколорите“ на последните четири ОИ слават по трет пат.

Финалето помеѓу Данска и Франција го судеа најдобрите македонски судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов и одлично си ја завршија работата. 

EPA-EFE/TATYANA ZENKOVICH

Французите подобро го започнаа натпреварот и по воведните израмнети минути, ја презедоа иницијативата и поведоа со 9:6. Данците намалија на 9:8, но тоа беше се што сторија во првиот дел кој заврши со предност од четири гола за „триколорите“ од 14:10.

Во вториот дел, предноста на Французите се зголеми и на шест гола (18:12), но Данците не се откажаа, и предводени од Хансен дојдоа на само еден гол негатива (22:21). Данците имаа напад за израмнување, но Жерар го одбрани ударот на Гидсел. Потоа Женти му одбрани пенал на Хансен при водство на Франција од 23:21. Во последните две минути, Данците намалија на 24:23 и во последната минута имаа напад за израмнување но погрешија и Фабрегас погоди во празната мрежа на спротивната страна за 25:23 и златен медал за Франција.

Недим Ремили со пет гола беше најефикасен кај Франција, додека во редовите на Данска вообичаено прво име беше Микел Хансен со девет гола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот