ФОТО | Шегата не помина: Документарецот за Меланија Трамп повлечен од кино во Орегон поради хумористична најава
Компанијата „Амазон“ ненадејно одлучи да го повлече документарниот филм за Меланија Трамп од едно помало кино во американската сојузна држава Орегон, откако сопствениците на киното го исмеале филмот преку хумористична реклама.
Препорачано
View this post on Instagram
Киното Lake Theater & Café во Лејк Озвего, предградие на Портланд, е познато по своите духовити и иронични пораки на рекламната табла. Така, проекцијата на филмот ја најавиле со шеги како: „Дали Меланија ќе носи Прада? Дознајте во петок!“ како и со цитат од „Уметноста на војувањето“: „Запознај го непријателот за да можеш да го победиш“.
Сепак, ваквиот пристап не му се допаднал на Амазон (Amazon MGM Studios), продукциската куќа што стои зад документарецот, па од киното било побарано филмот да се отстрани од програмата.
Менаџерот на киното, Џордан Пери, изјави дека бил контактиран од студиото со барање да ги откаже сите проекции на филмот „Меланија“, бидејќи не им се допаднал хумористичниот начин на кој бил рекламиран.
„Студиото не беше задоволно или едноставно не го ценеше мојот пристап во промоцијата на нивниот филм пред нашата публика“, изјавил Пери.
Како реакција на одлуката на Амазон, киното постави нова порака на рекламната табла:
„Амазон се јави. Нашиот слоган ги налути. Сите проекции на филмот ‘Меланија’ се откажани. Наместо тоа, покажете поддршка во Whole Foods.“
Од управата на киното на Инстаграм соопштија и дека уште пред повлекувањето на филмот добиле бројни негативни реакции од локалната публика. Дел од гледачите биле незадоволни што нивното кино воопшто прикажува филм за Меланија Трамп.
Документарниот филм „Меланија“ го следи периодот од 20 дена од животот на поранешната прва дама на САД, непосредно пред почетокот на вториот мандат на нејзиниот сопруг, претседателот Доналд Трамп.


