ФОТО | Научниците пронајдоа нов дел од човечкото тело – за што служи

Фото: Профимедиа

Ставете ги прстите на задниот дел од образите и стиснете ги забите. Ќе забележите напнат мускул кој полека се опушта.

Тоа е масетерски мускул, најважниот мускулен дел на вилицата.

Учебниците по анатомија традиционално го опишуваат масетерскиот мускул како дел од телото кој се состои од два слоја: површен и длабок.

Но, група научници од Швајцарија велат дека откриле дел од мускулот на вилицата кој досега бил незабележан.

Резултатите од нивното истражување покажуваат дека постои уште еден и подлабок, трет слој на масетерскиот мускул, инаку многу важен во процесот на џвакањето.

„Иако се претпоставува дека анатомските истражувања во изминатите 100 години откриле речиси сè, она што ние го направивме е исто како кога зоолозите ќе пронајдат нов вид на ‘рбетници“, рекол професорот Јенс Кристоф од Универзитетскиот центар за стоматолошка медицина во Базел.

Длабок слој

За да дојдат до ова откритие, истражувачите ја проучувале структурата на мускулите на вилицата, томографските слики, делови од ткивата на мртвите луѓе кои ги донирале телата на науката и податоците од магнетната резонанца на живите.

На тој начин пронашле длабок трет слој, поврзан со мускулниот процес во долната вилица.

Овој мускулен процес се нарекува короноид, поради што авторите на истражувањето предлагаат овој нов слој да се нарече Musculus masseter pars coronidea.

Силвија Мезеи, коавтор на студијата, објаснува дека иако масетерскиот мускул со три слоја е веќе опишан порано, постоечката литература е нејасна и понекогаш контрадикторна.

Понекогаш се наведува дека масетерскиот мускул има еден слој, понекогаш два, а кога се наведува дека има три, тоа се доживува како посебна варијација, вели експертката.

„Сакавме да видиме поради што настанала оваа недоследност“, изјавила Мезеи за Би-би-си Мундо, која работи на Одделението за биомедицина на Универзитетот во Базел.

„Благодарение на нашето истражување, сфативме дека тоа не била само варијација, туку конзистентна, постојано била тука“, додала таа.

Која е неговата функција?

Овој нов слој има сосема поинаква функција од другите два дела на масетерскиот мускул, вели Мезеи.

Првиот слој служи за подигнување на вилицата, вториот помага да се спречи да оди назад или напред, а третиот помага вилицата да се повлече, стабилизира и затвори.

Ова откритие е важно за стоматолозите и за хирурзите, бидејќи укажува на тоа дека масетерскиот мускул е формиран и дека се однесува поинаку отколку што се мислело досега.

Освен тоа, вели специјалистот, истражувањата покажуваат дека научниците сè уште целосно не го проучиле човечкото тело.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот