Познати личности во Мајами на Формула 1 - Фото: Profimedia

ФОТО | Ѕвездите го преплавија Мајами — од Меси и Надал до инфлуенсерки, сите се собраа на трката на Формула 1

Бројни познати личности го искористија викендот во Мајами, а најавеното лошо време не ги спречи неколку дена да уживаат покрај патеката на Формула 1, веднаш до стадионот „Хард рок“. Од фудбалски ѕвезди и тениски легенди до актери и инфлуенсери, речиси никој не сакаше да ја пропушти главната трка, на која победи младата италијанска надеж Андреа Кими Антонели, пренесува „Пејџ сикс“.

Големата награда на Мајами, која годинава се одржа по петти пат, уште од самиот почеток е центар на забава за светските ѕвезди, со бројни ексклузивни настани организирани специјално за нив. На неделната трка, која поради временските услови беше поместена неколку часа порано, присуствуваше и легендарниот фудбалер Лионел Меси, кој пристигна со сопругата Антонела Рокуцо и синот Тиаго.

Лионел Меси со сопругата и синот: André Ferreira / AFP / Profimedia

Тениската легенда Рафаел Надал беше забележан во разговор со членови на тимот на „Астон Мартин“ во гаражата, а на крајот од трката го мавташе карираното знаме.

Рафаел Надал – Фото: Alessio Morgese / Alamy live news, Ag.FotoMorAle / Alamy / Profimedia

Во текот на целиот викенд во боксот престојуваше и популарниот американски телевизиски водител Џими Фалон, кој привлече внимание и се фотографираше со обожавателите. Една од најпознатите инфлуенсерки, Аликс Ерл, исто така беше дел од настаните и за главната трка избра комбинација од сини капри панталони и соодветен горен дел.

Џими Фалон – Фото: PSNEWZ / Sipa Press / Profimedia
Аликс Ерл – Фото: Phillip Faraone / Getty images / Profimedia

Меѓу присутните беа и музичарот Диџеј Калед и актерот Тери Круз, додека познатиот актер и љубител на автомобилски трки Патрик Демпси позираше покрај болидите. Актерот Колин Фарел, пак, му ја врачи наградата за најдобра стартна позиција на Антонели.

Диџеј Калед: Mark Thompson / Getty images / Profimedia
Патрик Демпси – Фото: Alessio Morgese / Alamy live news, Ag.FotoMorAle / Alamy / Profimedia

За време на викендот се одржаа и бројни ексклузивни забави. Иванка Трамп и Џаред Кушнер присуствуваа на една од вечерните прослави, каде што настапи раперот Снуп Дог, кој подоцна ја продолжи забавата во еден познат ноќен клуб.

На друга вечерна забава присуствуваа и Хејли Бибер, Бетени Франкел и Џејми Фокс, а за музичката атмосфера се погрижија Лудакрис, Фет Џо, Вајклеф Жан и Диџеј Калед.

Комичарот Кевин Харт организираше посебна забава во познат ресторан, каде што меѓу гостите беше и Аликс Ерл, која таму се сретна со својот поранешен партнер Бракстон Бериос.

Иако се очекуваше, Ким Кардашијан не беше забележана на настаните, додека возачот Луис Хамилтон се движеше низ боксот обидувајќи се да остане незабележан.

Покрај трката, посетителите можеа да уживаат и во различни тематски зони со храна и забава, а атмосферата во градот беше исполнета со бројни случувања и по завршувањето на главниот настан.

Големата награда на Мајами уште еднаш потврди дека не е само спортски настан, туку и вистински спектакл што ги обединува спортот, забавата и светскиот џет-сет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот