ФОТО | Даниел Крег со нов изглед во Венеција: Неговиот филм доби 9-минутен аплауз на филмскиот фестивал
Британскиот актер Даниел Крег (56) и неговата сопруга, актерката Рејчел Вајс (54), прошетаа на црвениот тепих во рамки на годинашното издание на Венецијанскиот филмски фестивал, каде премиерно се прикажа неговиот најнов филм „Квир“ („Queer“), во режија на Лука Гвадањино.
Актерот се појави во бел костум и го покажа својот нов изглед, со подолга коса и брада, а неговата поубава половина продефилира во син светкав фустан.
Како што пишува „Варајети“, Крег ја даде „една од најдобрите изведби“ во романтичната драма „Квир“. Филмот, во кој Крег глуми геј Американец во педесеттите години, ја освои полната сала која присуствуваше на премиерата и заработи деветминутен аплауз.
Присутните извикуваа „Лука! Лука!“ додека траеше аплаузот, а секој актер поединечно се симна по скалите во Сала Граде за да се поклони.
Режисерот Педро Алмодовар, исто така, беше присутен на проекцијата и им честиташе на актерите и на целата екипа која работеше на овој филм.
Базиран на истоимениот роман на Вилијам С. Бароуз, „Квир“ го следи Ли, американски иселеник кој деновите ги поминува речиси целосно сам и има само неколку контакти со други членови на мала американска заедница. Неговата средба со Јуџин Алертон (Дру Старки), млад студент кој штотуку пристигнал во градот, за првпат му покажува дека можеби конечно ќе може да воспостави интимна врска со некого.
Иако филмот започнува со следење на љубовната приказна помеѓу ликовите, наративот на крајот се претвора во халуцинации и имагинација на начин кој повеќе потсетува на натприродниот хорор филм на Гвадањино, „Суспирија“ („Suspiria“), отколку на романтична драма.
Инаку, ова е прво учество на Крег на Венецијанскиот филмски фестивал, иако претходно има снимено сцени за „Џејмс Бонд“ во овој италијански град. Ова е фестивалско деби и за актерот Дру Старки (30).
ФОТО | Даниел Крег буквално непрепознатлив во Венеција: Ги запрепасти сите со новиот имиџ