Евровизија 2026 / Фото: HANS KLAUS TECHT / AFP / Profimedia

Евровизија ја освојува и Америка – јубилејното 70. издание преку Јутјуб ќе се прикажува ширум светот

Евровизија пристигнува на Јутјуб, и тоа бесплатно за гледачите ширум светот, вклучително и во Америка. Европската радиодифузна унија склучи договор со платформата што го менува досегашниот начин на дистрибуција на натпреварот, пренесува „Холивуд репортер“.

Досега единствениот дигитален начин за следење на Евровизија во САД беше претплата на стриминг-платформа, но од годинашното 70. јубилејно издание во Виена тоа се менува. Јуријан ван дер Мер, комерцијален директор на Европската радиодифузна унија, ја објави веста на индустрискиот собир во Лисабон. Јутјуб ќе ги пренесува двете полуфиналиња и финалето, а покриеноста ќе се протега на речиси целиот свет.

Годинашната Евровизија е обележана и со политички турбуленции. Исланд, Ирска, Холандија, Словенија и Шпанија одлучија да го бојкотираат натпреварот поради контроверзии околу минатогодишното гласање на публиката во Израел и самото учество на Израел во контекст на војната во Газа. И покрај бојкотот, Холандија и Исланд сепак ќе го емитуваат натпреварот.

Ван дер Мер потврди и дека Европската радиодифузна унија склучила договор за првото издание на Евровизија во Азија (inaugural Eurovision Song Contest Asia), кое ќе се одржи во Бангкок на 14 ноември. Кога водителот на панелот предложи натпреварот да се вика „Азијавизија“ (Asiavision), директорот само со насмевка потврди дека „постои мала расправа околу тоа“.

Договорот меѓу Јутјуб и Европската радиодифузна унија ќе го покрие речиси целиот свет, со исклучок на неколку пазари каде локалните телевизии одлучиле да не ги споделат правата со платформата, меѓу кои се Обединетото Кралство и Австралија. Ван дер Мер откри и дека Јутјуб ја пренесувал Евровизија уште минатата година, но таа информација тогаш не била јавно позната. Полуфиналињата ќе се одржат на 12 и 14 мај, а финалето на 16 мај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот