Принцезата Дијана и Сара Фергусон / Фото: Profimedia

Експерт за британското кралско семејство тврди: „Поради ова се скараа принцезата Дијана и Сара Фергусон“

Иако биле дел од исто семејство, принцезата Дијана и Сара Фергусон биле многу повеќе од тоа – тие биле блиски пријателки уште од детството. Но, нивното пријателство со текот на времето се нарушило, а според кралскиот биограф Ендрју Лоуни, причината била една навидум безазлена забелешка во автобиографијата на Фергусон.

Во книгата „Мојата приказна“ (My Story), објавена во 1996 година, Сара напишала дека добила плускавец откако позајмила чевли од Дијана. Иако на прв поглед изгледало како безопасна анегдота, тоа сериозно ја налутило принцезата.

„Вистинскиот проблем беше што Дијана стравувала дека Сара би можела да продава приказни за неа. Откако довербата беше нарушена, нивниот однос никогаш целосно не се опорави, иако Сара тврдеше дека се во добри односи“, изјавил Лоуни за „Дејли мејл“.

Токму Дијана била таа што ја запознала Сара со нејзиниот тогашен сопруг, принцот Ендру. Подоцна двете станале и членки на британското кралско семејство – Дијана се омажи за тогашниот принц Чарлс во 1981 година, а Сара за Ендру во 1986 година.

Во почетокот биле многу блиски бидејќи можеле да ги споделуваат искуствата и предизвиците од животот во кралското семејство.

„Дијана редовно ја посетуваше Сара и двете разговараа за проблемите со кралското семејство. Се чувствуваа ограничени од правилата и очекувањата што ги носеше титулата“, објаснил Лоуни.

Сара Фергусон и принцезата Дијана / Фото: Profimedia

Сепак, со текот на времето Дијана почнала да се дистанцира. Според биографот, сметала дека Фергусон е премногу гласна и дека нејзиното однесување може да влијае врз нејзиниот углед.

Нивното пријателство дополнително било ставено на тест за време на разводите од нивните сопрузи. Фергусон и Ендру се разделиле во 1992 година и официјално се развеле во 1996 година. Истата година се развеле и Дијана и Чарлс.

Само една година подоцна, во август 1997 година, принцезата Дијана трагично загина во сообраќајна несреќа во Париз на 36-годишна возраст.

И покрај несогласувањата, Сара Фергусон и денес со љубов зборува за својата поранешна пријателка. Во интервју за списанието „Пипл“ во 2021 година, таа откри дека двете често разговарале и за менталното здравје.

„Дијана еднаш ми рече: ‘Ферги, запомни едно нешто – кога си на врвот од пиедесталот, многу лесно можеш да паднеш. А кога си на дното, единственото што можеш е повторно да се искачиш нагоре’“, се присетила Сара.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот