Фото: Pexels

Една едноставна промена во исхраната им помага на повозрасните лица да го подобрат метаболизмот

Повозрасните лица можат значително да го намалат внесот на ултрапреработена храна, без драстично да ја менуваат секојдневната исхрана – а токму оваа промена води до подобрувања во неколку клучни показатели поврзани со регулацијата на апетитот и метаболизмот, пишува „Саенс алерт“.

Ова е главниот заклучок од нова студија објавена во научното списание Клиничка исхрана.

Што е ултрапреработена храна?

Ултрапреработената храна се произведува со индустриски техники и состојки кои вообичаено не се користат во домашното готвење. Често содржи адитиви како емулгатори, ароми, бои и конзерванси. Во оваа група спаѓаат пакувани грицки, готови оброци и дел од преработените месни производи. Бројни истражувања веќе ја поврзуваат ваквата исхрана со полоши здравствени исходи.

Во просечната исхрана во САД, ултрапреработената храна сочинува околу половина од вкупниот дневен калориски внес.

Како била спроведена студијата?

Во истражувањето биле вклучени лица на возраст од 65 години и повеќе, од кои многумина имале прекумерна телесна тежина или метаболички ризик фактори, како инсулинска резистенција или покачен холестерол.

Учесниците следеле две различни исхрани со низок удел на ултрапреработена храна, по осум недели секоја. Едната вклучувала немасно месо, а другата била вегетаријанска, со млеко и јајца. Помеѓу двете фази, учесниците две недели се вратиле на својата вообичаена исхрана.

Вкупно 43 лица ја започнале интервенцијата, а 36 ја завршиле целосно.

Во двете испитувани исхрани, ултрапреработената храна сочинувала помалку од 15 проценти од вкупниот калориски внес – значително помалку во споредба со вообичаената исхрана, каде таа надминува 50 проценти.

Важно е што учесниците не биле инструирани да бројат калории, да ослабат или да ја менуваат физичката активност. Исхраната била дизајнирана да биде реална и применлива во секојдневниот живот.

Сите оброци и ужини биле подготвени и порционирани од истражувачкиот тим. Двете диети се темелеле на минимално преработени состојки и биле усогласени со препораките за здрава исхрана на американските здравствени институции.

Резултати што одат подалеку од слабеењето

Во периодите кога учесниците консумирале помалку ултрапреработена храна, тие природно внесувале помалку калории и губеле телесна тежина, вклучително и вкупно и абдоминално масно ткиво.

Покрај тоа, биле забележани значајни подобрувања во чувствителноста на инсулин, профилот на холестерол, намалување на воспалителните маркери и позитивни промени во хормоните што го регулираат апетитот и метаболизмот.

Овие ефекти биле слични без разлика дали учесниците следеле исхрана со месо или вегетаријанска исхрана.

Зошто ова е важно?

Ултрапреработената храна сочинува повеќе од половина од калориите што ги внесуваат повеќето возрасни лица во САД. Иако е практична и лесно достапна, сѐ повеќе студии ја поврзуваат со дебелина и хронични болести поврзани со стареењето, како дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.

Со оглед на тоа што повозрасната популација постојано расте, стратегиите за зачувување на метаболичкото здравје можат значително да придонесат за здраво стареење, подобра подвижност, самостојност и квалитет на живот.

Што сѐ уште не е познато?

Студијата е релативно мала, што е очекувано со оглед на комплексноста на истражувањата во кои строго се контролира исхраната. Таа не е дизајнирана да покаже дали ваквите метаболички подобрувања можат долгорочно да спречат или одложат болести како дијабетес или срцеви заболувања.

Дополнително, останува нејасно дали луѓето можат самостојно и долгорочно да го намалат внесот на ултрапреработена храна без структурирана поддршка, како и кои аспекти од преработката – адитивите, емулгаторите или самите индустриски процеси – имаат најголемо влијание врз здравјето.

Одговорите на овие прашања би можеле да им помогнат на производителите да создаваат поздрава, но и понатаму практична храна, и да им олеснат на луѓето да прават подобри избори во секојдневната исхрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот