Фото: Општина Кисела Вода

Драчево шест месеци „отсечено“ од Лисиче: Не патишта, туку алтернативни домови треба да си бараме, реагираат жителите!

Шест месеци граѓаните не ќе можат да ја користат улицата „Киро Фетак“ во Драчево, во делот кај мостот, поради реконструкција, која според градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска започнала во средата, на 15 април, а таа за овој зафат што половина година ќе им го проблематизира нормалното функционирање на жителите од тој дел на градот, извести дури вчера попладне.

Поради градежните активности, улицата ќе биде целосно затворена за сообраќај во период од 6 месеци, односно до 15.10.2026 година. Во овој период, сообраќајот во двата правци нема да биде дозволен. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да користат алтернативни рути. Доколку градежните работи завршат пред предвидениот рок, навремено ќе ве известиме – информира градоначалничката на Фејсбук.

Поради градежните работи на улицата и автобусите кои редовно минуваат тука ќе возат по други улици. Станува збор за линијата која го поврзува село Долно Лисиче со Транспортен центар и за линијата од Илинден до Драчево.

Во зависност од започнувањето на градежните активности, автобусите на линиите 31 и 163 кои сообраќаат на овој потег ќе бидат пренасочени по изменети траси преку булевар „Србија“, булевар „12-та Македонска бригада“ и улицата „Горно Лисиче“ (во двата правци) – соопштија од ЈСП „Скопје.

Граѓаните се револтирани и огорчени и во мноштвото коментари на објавата на градоначалничката Стаменкоска Трајкоска на Фејсбук, прашуваат како мислат надлежните тие да живеат во наредните шест месеци кога улиците низ Драчево ќе бидат блокирани од сообраќај, како ќе стигаат на работа, на училиште. Како што велат, во културни и цивилизирани држави прво се прави алтернативен пат, па се започнува со изградба и реконструкција на улица, кај нас обратно.

Кои се алтернативните патишта? Ќе има ли ред на движење и по која улица? Киро Фетак стана историска, кој стигне ја копа! Има некои деца се родија кога почнаа да ја копаат, веќе матуранти станаа, а таа уште се прави и никако да се направи – реагира еден од граѓаните.

Месецов започнува проширувањето на последниот дел од „Борис Трајковски“

 

Но, нема известување кои алтернативни патишта ќе се користат и дали надлежните ќе го регулираат сообраќајот или граѓаните ќе бидат препуштени половина година сами да се снаоѓаат како знаат, што ќе предизвика хаос и нервози по уличките низ Драчево.

Жителите стравуваат и што ќе се случува откако наскоро ќе започне и проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од Пинтија до кружниот тек пред Драчево.

Драчево има два излеза, едниот е кон Пинтија, другиот кон Долно Лисиче. Што ќе биде кога ќе почне да се проширува булеварот како што е веќе најавено и тој ќе се прави шест месеци. Како ли ќе стигнеме навреме на работа, на училиште? Голем дел од жителите досега го користеа патот од Киро Фетак преку Долно Лисиче за да ги избегнат гужвите кај Пинтија. Нема никаква логика да нè затворите од двете страни половина година – вели жителка на Драчево.

Дел од огорчените дури се шегуваат дека наместо алтернативни патишта, како што им предлага градоначалничката, да си најдат алтерантивни живеалишта во наредните шест месеци кај роднини и пријатели или да им се дадат шатори да може изведувачот раат да си работи. Едноставно, не им се верува со каква леснотија се соопштува одлука во „5 до 12“ која ќе им го смени животот во наредните шест месеци.

Прекуокенаски мост како да правите, а не мост на каналче од 1,5 метро. Шест месеци со хеликоптер ли ќе се движиме ние? – реагираат жителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот