Дали Африка се дели? Откриена нова пукнатина што би можела да создаде океан
Субсахарска Африка би можела да се раздели за неколку милиони години, а научниците веруваат дека можеби сведочат на самите почетоци на тој геолошки процес. До разделувањето би дошло долж раседот Кафуе, пукнатина во Земјината кора која се протега околу 2500 километри од Танзанија до Намибија.
Препорачано
Геолозите долго сметаа дека тој расед е неактивен, но сè поголем број докази во последните децении укажуваат на спротивното. Помали земјотреси, зголемена температура под површината и ситни промени во надморската височина забележани со сателити сугерираат дека подрачјето би можело да се претвори во нов континентален расед и на крајот во нова граница на тектонски плочи, пишува Си-ен-ен.
Геохемиски траги во термалните извори
Нова студија, објавена во списанието „Фронтиерс ин ерт саенс“, оди чекор понатаму.
– Имаме први геохемиски податоци од тоа подрачје. Тоа е сосема поинаков вид доказ кој навистина ја зацврстува идејата за активноста на раседот во тој регион – изјавила Рута Каролите, која ја водела студијата на Универзитетот Оксфорд.
Нејзиниот тим собрал примероци од термални извори и геотермални бушотини во Замбија, над сомнителниот расед.
– Жешката вода извира на површината, а ние го земавме гасот што излегува од неа – објаснила Каролите.
Истражувачите се фокусирале на односот меѓу два вида хелиум, хелиум-3 и хелиум-4, барајќи јасен знак за поврзаност со Земјиниот плашт — слојот меѓу кората и јадрото.
– Пронајдовме повеќе хелиум-3 отколку што е вообичаено во кората, што генерално сигнализира дека во водата навлегуваат флуиди од плаштот – додала таа.
Иако резултатите се прелиминарни бидејќи примероците потекнуваат од само шест локации во концентрирано подрачје, тимот верува дека новите податоци служат како ран сигнал за формирање нова граница на плочи. Имено, примероците од два термални извора оддалечени околу 95 километри од раседот не покажале слично зголемување на односот на хелиум-3.
Долг пат до нов океан
Тектонските плочи се огромни блокови од цврсти карпи кои се движат по Земјиниот плашт, а нивното движење предизвикува земјотреси и ги обликува континентите. Активен расед може да се претвори во граница на плочи, но тоа не е загарантирано.
– Овие раседи често започнуваат и запираат, или може малку да се прошират па повторно да застанат. Тешко е да се предвиди што ќе се случи – рекла Каролите.
Африка веќе има добро развиен расед стар десетици милиони години, Источноафриканскиот расед, кој е сеизмички активен и има неколку вулкани. Ќе биде потребно многу време раседот Кафуе да се развие на сличен начин.
– Во најбрзото сценарио, тоа би можело да се случи за неколку милиони години. Во најбавото, би можело да трае 10 или 20 милиони години – изјавил коавторот на студијата Мајк Дејли, гостин-професор на Универзитетот Оксфорд.
Можност за науката и економијата
Проучувањето на раседот Кафуе би можело да помогне во одговорот на едно од основните прашања во тектониката.
– Како започнува нова граница на плочи? Зрелите граници лесно се препознаваат, но најраните фази се многу посуптилни – рекла Естела Атекавана, професорка на Универзитетот Калифорнија, Дејвис, која не учествувала во студијата.
Фоларин Колаволе, доцент на Универзитетот Колумбија, кој исто така не бил вклучен во студијата, смета дека наодите се нови и возбудливи бидејќи даваат „силна потврда“ дека постои директен проток на флуиди од плаштот кон површината.
– Клучното значење на новата граница на плочи во југозападна Африка е тоа што сега имаме утврден пат за распаѓање на континентот од источна Африка, преку Боцвана и Намибија, па сè до Атлантскиот Океан – додал тој.
Во поблиска иднина, Замбија би можела да има економска корист од овој процес. Енергијата од геотермалните електрани што се појавуваат во тоа подрачје би можела да биде значаен ресурс. Оваа земја без излез на море би можела дури и да собира хелиум, кој е многу баран во медицината и технолошката индустрија.
Потребни се уште докази
Научниците истакнуваат дека за потврда на наодите е потребно да се соберат уште примероци на гас од пошироко географско подрачје долж раседот, а нова студија со проширени резултати веќе е во подготовка. Атекавана напоменува дека, и покрај ограничениот број примероци, резултатот е значаен.
– Тие даваат силни геохемиски докази дека раседот Кафуе е активен во длабочина, иако магмата не стигнала до површината – навела таа.
Сепак, додава дека се потребни повеќе докази долж целата предложена граница за да се утврди дали сигналот на хелиум од плаштот е континуиран или само локален.
– Ова е една важна линија на докази, а не конечен збор. Тоа ја поддржува хипотезата за почетна фаза на раседување, но потврдата на нова граница на плочи бара тестирање во целосен обем – рекла таа.
– Тоа не значи дека Африка утре ќе се распадне; овие процеси траат милиони години. Но од научна гледна точка, тоа би било како да сведочиме на раѓањето на една граница на плочи – заклучила Атекавана.


