Да се потсетиме на едни од најубавите југословенски хитови и на приказните кои стојат зад нив (ВИДЕО)

Како што поетите секогаш имале свои музи кои ги инспирирале да напишат некои од најзначајните книжевни дела на денешницата, така и уметниците и авторите на музички композиции и текстови имале и сѐ уште имаат лични приказни или приказни од блиската околина за кои ги напишале некои од најслушаните песни во регионот.

Следниве големи хитови од бившите југословенски простори се напишани според вистински љубовни приказни.

„Прљаво казалиште“ – „Ту ноч кад си се удавала“

Како што и песната вели „Има некои други светови“, така има и други приказни за тоа што се крие зад еден од најголемите хитови на „Прљаво казалиште“. Во сите верзии, главната улога ја има членот на групата, Јасенко Хоура, кој имал девојка која требало да го чека по враќањето од војска. Кога Јасенко се вратил дома, дознал дека неговата група има закажано свирка за свадба, за која се испоставила дека е нејзина.

„Екатерина Велика“ – „Срце“

Песната „Срце“ на ЕКВ, еден од најголемите бендови во бивша Југославија е посветена на поранешната девојка на основачот на групата, Милан Младеновиќ, која починала од предозирање со хероин.

„Хаустор“: „Ена“

Една од верзиите за настанување на оваа песна е дека ѝ е посветена на починатата глумица Ена Беговиќ, која се претпоставува дека била во врска со Дарко Рундек, фронтменот на „Хаустор“ и која му помагала да се извлече од пеколот на дрогата.

„Индекси“ – „Бацила је све низ реку“

За култната песна на „Индекси“, веројатно сите ја слушнале приказната што стои зад неа. Зборува за љубовта меѓу Даворин Поповиќ и една девојка од Сараево која останала бремена, но решила да ја прекине бременоста, иако тој сакал да се венчаат. Според кажувањата, по долги години, кога „Индекси“ биле на турнеја во Шведска, Даворин ја видел истата девојка во публиката. Го прекинал настапот за да се симне во публиката. Но залудно ја барал, таа исчезнала како и претходно.

„Рибља чорба“ – „Остани ѓубре до краја“

Една од најпознатите југословенски манекенки, Билјана Невајда Шевиќ, била извесно време во врска со фронтменот на групата „Рибља чорба“, Бора Ѓорѓевиќ. Кога еден ден го викнала за да се збогуваат, бидејќи решила да го продолжи својот живот во Сараево, толку го повредила пејачот, кој на шанкот во кафулето каде што се збогувале, ја напишал пената која и денес е една од најпознатите на оваа група.

„Болеро“ – „Јелена“

Основачот на култната сараевска група „Болеро“, Мирослав Мишо Бартулица, ја напишал песната „Јелена“ за својата мајка, која го оставила во сиропиталиште. Нема потреба да зборуваме за оваа песна, само слушајте го текстот, со ова знаење.

Тони Цетински – „23 декември“

Тони Цетински отсекогаш емотивно ја изведува неговата песна „23 декември“. Во една прилика, тој објасни дека песната прво била напишана, а потоа се случил посебен настан во неговиот живот, поради што го викнал текстописецот и му рекол дека би сакале песната да остане како спомен на таа личност и да го препише и конкретизира текстот. Подоцна се зборуваше дека станува збор за пријателка на Тони којa починала од предозирање, иако пејачот никогаш не сакаше јавно да зборува за тоа. Цетински на своите концерти оваа песна му ја посветуваше и на Тоше Проески, а подоцна и на многу други колеги и пријатели кои го напуштија овој свет.

Арсен Дедиќ – „Милена“

Песната Милена, Дедиќ ѝ ја посветил на Милена Дравиќ.

„Трогната сум затоа што му бев инспирација за Арсен за песната“, рече во една прилика Милена, а поради „нејзината“ песна во тие години, името Милена стана најпопуларно за новородените девојчиња во Југославија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот