Британски политичар добил мито од 45.000 евра за проруски говор, осуден е на 10 години затвор
Поранешниот британски европратеник и поранешен лидер на партијата „Реформа Велика Британија“ во Велс, Натан Гил, беше осуден на повеќе од 10 години затвор по признавањето вина за примање мито од околу 45.000 евра во замена за проруски јавни настапи.
Препорачано
Како што пренесува Еј-Би-Си Њуз, Гил се изјаснил за виновен во септември за осум обвиненија за поткуп, поврзани со плаќања што ги добивал од проруски украински политичари меѓу декември 2018 и јули 2019 година. Партијата „Реформ УК“, која моментално има силна поддршка во анкетите, ги оцени неговите постапки како „предавнички и неоправдани“.
Обвинителите посочија дека Гил бил уапсен на пат кон Русија во 2021 година, а во неговиот мобилен телефон биле пронајдени докази дека добивал пари за проруски говори, медиумски настапи и иницирање дебати во Европскиот парламент. На суд беше изнесено дека поранешниот украински политичар Олег Волошин му доставувал подготвени говори и пари, финансирани од проруски бизнисмени и од украинскиот олигарх Виктор Медведчук, близок со Владимир Путин.
Гил, според обвинението, регрутирал и четворица други европратеници – тројца Британци и еден Германец – да даваат интервјуа за прорускиот канал „112 Украина“, во сопственост на соработник на Медведчук.
Судијката Боби Чима-Граб во судот Олд Бејли нагласи дека Гил „фундаментално го компромитирал интегритетот на Европскиот парламент“, особено во односите со „постојано непријателска држава“. Таа му изрече казна од 10 и пол години затвор.
Гил, кој стана европратеник како член на UKIP во 2014 година, подоцна премина во Брегзит Партијата, претходникот на „Реформ УК“, и остана во Европскиот парламент до Брегзит во 2020 година. Партијата се огради од него, изјавувајќи дека „правдата е задоволена“.
Лабуристичката партија, сепак, бара од лидерот на „Реформ УК“, Најџел Фараж, да спроведе внатрешна истрага за да се утврди дали има други проруски влијанија во партијата. Високиот функционер на Министерството за одбрана, Ал Карнс, изјави дека „време е Фараж да покаже дека Путин нема влијание врз неговата партија“.


