Богданов: Македонското борење е на правиот пат, големи се успесите на Нуров и Егоров

Магомедгаџи Нуров и Владимир Егоров освоија медали на Медитеранските игри во алжирскиот Оран/Фото: facebook/ Боречка Федерација на Република Северна Македонија

Се вложува во сите возрасни категории, почнувајќи од пионери до сениори, а исто така се кројат планови за следните Летни олимписки игри во Париз 2024 – вели првиот човек на македонската боречка федерација.

Македонското борење на Медитеранските игри во Оран (Алжир) во слободен стил забележа одлични резултати. Владимир Егоров во категоријата до 65 килограми го освои бронзениот медал, а во категоријата до 97 кг. Магомедгаџи Нуров се закити со златото, предводени од тренерот Бобан Данов.

Направивме разговор со претседателот на македонската боречка федерација, Дејан Богданов кој исто така е среќен и го изрази задоволството од ваквите значајни успеси и дека претставува само мотив плус и понатаму напорно и вредно се работи, и секако поттик и за помладите да продолжат исто така да блескаат на меѓународната сцена.

фото: МОК

– Ова се големи успеси за македонското борење кое се враќа на правиот пат каде што навистина треба да му е местото. Претходно Егоров беше европски шампион во Будимпешта, потоа Бесир Алили го освои петтото место (Алили У17 европски шампион пред две години во Фиренца). Значи, не се само натурализираните Руси (Егоров и Нуров) кои што донесуваат резултати, туку и другите нашите репрезентативци покажуваат дека се на добро ниво. Со добра организација, добра посветеност од тренерскиот дел, со квалитетни подготовки, резултатите ќе си дојдат сами по себе – ни изјави Богданов.

Федерацијата вложува во сите возрасни категории, почнувајќи од пионери до сениори, а исто така се кројат планови за следните Летни олимписки игри во Париз 2024.

Владимир Егоров/фото: МОК

– Очекуваме во сите возрасни категории да имаме добри резултати. Овој успех од Оран претставува поттик за младите да почнат понапорно да тренираат, бидејќи се возможни ваквите резултати, а можам да кажам дека имаме борачи, од најмала до најголема возраст, кои се блиску да донесат вакви слични успеси, на Европско, Светско првенство, Медитерански игри. Целта на нашата федерација е за следната летна Олимпијада да имаме најмалку двајца учесници од боречката федерација. Уште сега се прават планови за следната година, секако се очекува и финансиска поддршка, од Агенцијата за млади и спорт, како важна институција, која што треба да помага во спортот, а борењето тоа го заслужува.

Во последните неколку години остварени се сите можни резултати, мислам дека редно време е да се реагира, дека треба да се вложува во борењето. Нормално има спонзори кои помагаат колку што можат, а сакаат и понатаму тоа да го прават, има организација, има резултат. Имаме поддршка и од Македонскиот олимписки комитет, мислам дека доколку сите започнеме финансиски да инвестираме, мислам дека навистина ќе имаме и натаму големи резултати и не само што би биле спорт број 1 во Македонија, туку и на ранг листата би биле меѓу првите шест-седум држави, зборувам за сениорскиот дел, меѓу најдобрите, на европски и светски првенства – вели Богданов.

Боречката федерација има добра соработка и со другите држави, во регионот, со Србија, Хрватска, Бугарија, и може да се користат некои кампови за подготовки, а голем број од нашите спортисти се дел од нив.

Магомедгаџи Нуров со пет победи до злато на Медитеранските игри/Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

– На пример, Русите, нашите натурализирани спортисти се повеќе во нивната земја, и таму имаме добра соработка, подготовки, и така се одржуваме како федерација, за да можеме да бидеме една од подобрите федерации во Европа и светот. За помалите возрасни категории подготовките се прават во Македонија, организирани турнири надвор од нашата земја во соработка со другите земји, но тука треба да биде и помошта од Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет, доколку сакаме во иднина со полн состав како што личи една репрезентација, зборувам од најлесната до најтешката категорија, да имаме добри и квалитетни спортисти. Сега е моментот, да се вложува максимално, бидејќи во сите возрасни категории имаме резултати. Се работи и во женското борење, на пример на Европското У20 првенство во Рим учествува Марија Спирковска која забележа победа, има шанса преку репасажот да се бори за медал. Значи, гледаме дека и женското борење во Македонија е во подем. Имаме добри борачи и во кадетска и пионерска возраст – рече Богданов.

Нашите репрезентативци Бесир Алили, Мухамед Феруки и Реџеп Хајдари, со тренерот Суфијан Исмаили, денеска патуваат во Рим каде ќе земат учество на Европското првенство У20. Па, за неполн месец ќе се организира Светското првенство за кадети во италијанскиот главен град на кое ќе партицираат еден спортист и едно девојче, бидејќи максимум се направи на Европското. А исто така на Балканско првенство ќе настапат пионери, кадети и младинци.

Светското првенство за сениори ќе се одржи од 10-18 септември 2022 год. во Белград (Србија) на кое федерацијата ќе стави посебен акцент и на кое ќе настапат европскиот првак Егоров, Нуров, Дејан Митров, Фати Вејсели, Бесир Алили, европскиот шампион за кадети.

Европски кадетски шампион, Бесир Алили/Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

– Мислам дека ќе имаме повторно успешни резултати, Светското е многу посилно од Европското првенство, но нашите спортисти се рангирани се меѓу најдобрите кои се носители во групите и мислам дека тоа ќе го докажат. Следната година е олимписка, ќе знаеме на кои турнири ќе учествуваме и на кои ќе се собираат поени за бркање олимписка норма. Акцентот ќе го ставиме на Светското првенство и од каде очекуваме двајца да обезбедат олимписка норма. Очекуваме како боречка федерација да настапиме со тројца на Игрите во Париз, тој трет би бил од турнирите, со сите сили да му помогнеме да ја оствари целта – вели првиот човек на македонското борење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот