Безбедноста на Македонија – Косово е грижа на МВР, а косовската полиција ќе внимава на гостинските навивачи

Фото: ФФМ

Бараж натпреварот од Лигата на Нации кој треба да се одигра на 26. март на Националната Арена „Тодор Проески“ помеѓу Македонија и Косово, нема да биде обезбедуван од приватни агенции, таа обврска ќе ја презеде македонската полиција. Според протоколот за полициска соработка помеѓу Македонија и Косово, но и праксата за меѓународни натпревари, за гостинските навивачи ќе се грижи и косовската полиција.

На координативните средби помеѓу МВР и ФФМ е одлучено за безбедноста на гледачите да не грижат приватни агенции за обезбедување туку за целосната безбедност да биде одговорна македонската полиција која ќе има своевидна помош од косовската полиција кога станува збор за гостинските навивачи.

– Договорено е за комплетната безбедност на навивачите на стадионот да се грижи МВР, да нема приватна агенција, како што беше за време на Европскиот Супер куп во 2017 година – вели Златко Андоновски, портпаролот на ФФМ.

Очекувано, за овој натпревар владее голем интерес како кај македонските фанови така и кај гостинските навивчаи , па поради тоа полициите на Македонија и Косово уште на 19 декември потпишаа договор од областа на безбедноста на поголеми јавни настани со цел сузбивање и превенција на опасности по јавниот ред и безбедност за време на одржување на истите и оттогаш редовно се одвиваа координација и комуникација поради најавеното организирано доаѓање на косовски навивачи.

Според договорот, но и препораките на ФИФА и на УЕФА, секогаш кога доаѓа организирана група на навивачи, задолжително присуствуваат и полициски претставници од државата кои се грижат за безбедноста на своите фанови.

Сето тоа се одвива во координација со домашната полиција. Така за натпреварот на 26 март е договорено, во Скопје да пристигне сообраќајна полиција и патролни возила чија задача ќе биде да ја проследат навивачката група „Дарданет“ до трибините и воедно да се грижат за редот и дисциплина на косовските навивачи.

Според претходно договореното, гостинските навивачи нема да добијат поголем број билети од договореното, седум проценти од вкупниот капацитет на Националната арена „Тодор Проески“.

– Според пропозициите на УЕФА и на ФИФА на гостинските навивачи им следува одреден број на билети, а тоа е седум проценти од вкупниот капацитет на стадионот. Бројот можеби ќе биде малку поголем бидејќи навивачите на Шкендија најавија дека ќе навиваат за Косово против Македонија. За гостинските навивачи е предвиден еден блок од Источната трибина – додава Андоновски.

Македонските навивачки групи за натпреварот одлучија за прв пат во историјата на Македонија да се обединат и тие сите заедно ќе навиваат од Западната трибина, додека навивачите на Шкендија донесоа одлука да навиваат против Македонија. За разлика од „Балистите“, навивачите на Шкупи, „Шверцерите“  најавија дека нема да навиваат за Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот