Метју Пери на забава на „Џеј-кју“ / Фото: Matt Baron/BEI / Shutterstock Editorial / Profimedia

Асистентот на Метју Пери осуден на повеќе од 3 години затвор за вмешаност во смртта на актерот

Конечната пресуда во случајот за смртта на Метју Пери, ѕвездата на серијата „Пријатели“, беше изречена во Лос Анџелес, откако неговиот поранешен личен асистент беше прогласен за виновен за учество во набавката и администрирањето на кетамин што доведе до неговата смрт.

Кенет Ивамаса (60), кој работеше како асистент на Пери и живееше со него во Лос Анџелес, е осуден на три години и пет месеци во федерален затвор. Покрај затворската казна, тој е осуден и на две години надгледувано ослободување по отслужувањето на казната, како и парична казна од 10.000 долари, пишува Би-би-си.

Според обвинителството, Ивамаса беше клучна фигура во истрагата што траеше повеќе од две години, а е поврзана со смртта на 54-годишниот актер во октомври 2023 година во неговиот дом во Пацифик Палисејдс.

Тој се изјасни за виновен за учество во заговор за дистрибуција на кетамин што резултираше со смрт, станувајќи првиот од петте обвинети што склучи договор за признавање на вина со обвинителството. Тој беше и важен сведок во постапката против другите осомничени.

Според судските документи, Ивамаса набавил кетамин и му го дал на Пери, вклучително и повеќекратни дози во деновите пред неговата смрт. На 23 октомври 2023 година, тој му инјектирал на актерот голема количина од супстанцијата, по што го оставил сам во куќата. Кога се вратил, Пери бил мртов во џакузито.

Форензичкиот извештај покажал дека кетаминот бил примарна причина за смртта, додека давењето било наведено како секундарен фактор.

Ивамаса првично ги негирал некои од обвинувањата, но подоцна ја признал својата вмешаност откако истражителите собрале дополнителни докази. Неговите адвокати тврделе дека тој постапил според желбите на својот работодавач, наведувајќи дека „не можел едноставно да каже не“, но судот не го прифатил ова како оправдување.

Семејството на Метју Пери изјави на суд дека го сметаат Ивамаса директно за одговорен за смртта на актерот, велејќи дека ја издал довербата што му ја дале кога го ангажирале да се грижи за неговата борба со зависноста.

Метју Пери стекна светска слава со улогата на Чендлер Бинг во серијата „Пријатели“, една од најпознатите телевизиски серии од 90-тите и 2000-тите.

ВИДЕО | Повеќе од 130 предмети на Метју Пери ќе бидат понудени на аукција – од сценарија за „Пријатели“ до дела на Бенкси

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот