Алушовски: Бевме поискусни од Елверум во одлучувачките моменти

фото: Слободен Печат/Драган Митревски

Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје екипата на Вардар 1961 во вториот меѓусебен натпревар од Лигата на шампионите против Елверум триумфираше со резултат 35:32.

Во меч со многу пресврти на крајот „црвено-црните“ ги освоија бодовите, нивна втора победа сезонава во елитното натпреварување.

Своите импресии од денешниот дуел ги сподели тренерот на „црвено-црните“, Стевче Алушовски:

– Честитки до Елверум за фер и коректната борба, честитки до моите играчи на втората победа во Лигата на шампионите. Мислам дека бевме поприсебни во моментите на крајот, можеби бевме малку поискусни од тимот на Елверум во вакви одлучувачки моменти и посреќни овојпат.

Отворивме лошо во овој натпревар, ако не се лажам со 11 промашени чисти шутеви во првото полувреме, нивниот голман беше расположен и го завршивме првото полувреме со „минус три“. До последен атом од нашите сили се боревме во второто полувреме, им честитам на момците за борбеноста, пожртвуваноста, на сето она што го покажаа во последните шест минути, значи еден момент за респект, со победнички карактер. Воедно им посакувам многу среќа на Елверум во следните натпревари.

Со значајни одбрани, вкупно шест на средбата, францускиот голман Робин Кантегрел придонесе исто така во победата на Вардар 1961:

– Најпрво да кажам дека сме со мислите за Алфредо Кинтана (голманот на Порто), и сите тимски колеги, да ја добие животната битка. Околу мечот, да, имавме одбрани на крајот, но исто така и во првото полувреме разликата ја направија противниците со нивните одбрани. Што да кажам, се боревме во текот на целиот натпревар, конечно славиме, беше тешко и тесно. Ќе се бориме до последниот меч од групната фаза и се надевам на што повеќе бодови. Исто честитки упатувам до Елверум за двата меча, бидејќи е тешко да се игра двапати на противнички терен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот