Алкараз лесно во второто коло на Ролан Гарос, кај дамите крај и за Мугуруза

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз обезбеди пласман во второто коло на Ролан Гарос откако денеска во три сета со 6:4,6:2,6:0 го совлада Хуан Игнасио Лондеро.
Поголема неизвесност имаше само во првиот сет кој беше решен во десеттиот гем кога Шпанецот ја искористи првата брејк топка на мечот. Во вториот сет, Алкараз прво направи брејк за водство од 4:2 во гемови, а потоа направи уште еден брејк и поведе со 2:0 во сетови.
Во третиот сет, Алкараз не му дозволи на противникот да освои ниту еден гем и надмоќно обезбеди пласман во второто коло.
Пласман во следната рунда обезбеди и Александар Зверев кој во три сета со 6:2,6:4,6:4 го победи Австриецот Себастијан Офнер.
На првиот ден од Ролан Гарос, се случи уште едно големо изненадување во женска конкуренција. Победничката од 2016 година, Гарбине Мугуруза е поразена од Каја Канепи со 6:2,3:6,4:6 и по Онс Жабер е втората фаворитка која настапот во Париз го заврши во првиот ден.