Албанскиот парламент усвои декларација за „невиност“ на поранешните лидери на ОВК
Собранието на Албанија денеска усвои декларација за „невиноста на поранешните лидери“ на т.н. ОВК и побара од Специјализираните совети во Хаг преку, како што се наведува, правичен и непристрасен процес да ги прогласат за невини Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, пренесе Телеграф.
Препорачано
Во декларацијата се тврди дека т.н. ОВК претставувала „легитимно ослободително движење“ кое се, како што се наведува, борело за правата и слободите на Албанците на Косово и Метохија, со оценка дека постапките на Специјалното обвинителство може да доведат до, како што се тврди, погрешно толкување на историските околности на конфликтот.
Албанската страна тврди и дека поранешните водачи на т.н. ОВК биле и останале претставници на стремежите на Албанците од АП КиМ за слобода и самоопределување и оценува дека нивната борба била заснована на „универзални принципи на човековите права“.
Во текстот на декларацијата се оценува дека агресијата на НАТО во 1999 година врз Сојузна Република Југославија „го потврдила легитимитетот на таа борба“ и, како што се наведува, „криминалната природа“ на тогашниот режим.
Собранието на Албанија во документот најавува преземање „сите потребни дипломатски и политички чекори“ во меѓународните форуми со цел „историската вистина“ за војната на т.н. ОВК да биде зачувана и правдата да биде спроведена на правичен начин.
Поранешните водачи на т.н. ОВК се товарат по основ на индивидуална кривична одговорност по шест точки од обвинението за злосторства против човештвото и по четири точки за воени злосторства. Во обвинението се наведува дека кривичните дела за кои се обвинети биле извршени најдоцна од март 1998 година до крајот на септември 1999 година на повеќе од 40 места ширум Косово и Метохија, како и во Кукеш и Цахан, во северна Албанија.
Тачи, Весели, Селими и Красниќи се во притвор во Хаг од апсењето во ноември 2020 година, а судењето започна во април 2023 година.
Т.н. ОВК во текот на 1998 и 1999 година извршила бројни злосторства, убиства и киднапирања врз припадници на војската и полицијата на тогашна Југославија, Срби и други неалбанци, како и Албанци кои не прифатиле да бидат нејзини припадници или помагачи.


