Зошто жените не можат да одолеат на благо пред менструација? Науката сега го има одговорот
Многу жени забележуваат дека непосредно пред менструацијата, кога се јавува предменструалниот синдром (ПМС), имаат засилена желба за чоколадо, слатки и храна богата со јаглехидрати, како и чувство на постојан глад. Ново истражување од Универзитетот „Кембриџ“, објавено во списанието „Џурнал оф нутришанал сајенс“, покажува дека овие промени не се случајни, туку имаат јасна биолошка и психолошка основа.
Препорачано
Во доцната лутеална фаза од менструалниот циклус, кај многу жени се појавуваат емоционални и физички симптоми како болка, раздразливост, анксиозност и промени во апетитот. Кај оние што имаат ПМС, овие симптоми се поизразени и можат значително да влијаат врз секојдневното функционирање.
Еден од клучните поими што го анализирале научниците е таканаречениот хедонистички глад – желба за храна што не произлегува од вистинска потреба, туку од задоволство. Со други зборови, станува збор за јадење и кога телото не е навистина гладно.
Во рамки на истражувањето биле следени 150 млади жени во различни фази од менструалниот циклус – од раната фоликуларна фаза, преку овулацијата, до периодот пред менструацијата. Резултатите покажале дека жените со ПМС почесто чувствуваат ваков вид глад и се почувствителни на стимулите поврзани со храна, како што се мирисот, изгледот или самата помисла на висококалорични оброци.
Дополнително, во фазата пред менструацијата, кога симптомите се најизразени, тие внесуваат и поголем број калории во текот на денот.
Истражувањето укажува и на улогата на телесната тежина. Жените со прекумерна тежина покажале поголема желба за храна во одредени фази од циклусот во споредба со оние со нормална тежина, што укажува дека индивидуалните фактори влијаат врз реакцијата на организмот.
Научниците нагласуваат дека хормоналните промени, особено варијациите на естрогенот и прогестеронот, имаат силно влијание врз расположението, апетитот и системот за наградување во мозокот. Токму тие можат да ја зголемат желбата за храна во одредени периоди.
Затоа, зголемениот апетит пред менструацијата не треба да се толкува како недостаток на самоконтрола, туку како резултат на сложени биолошки и психолошки процеси во организмот.
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Пириод Скопје“ : Во Македонија никој јавно не зборува за менструално здравје


