Знамето на МПЦ-ОА повторно се вее во манастирскиот двор на Попова Шапка, за неговото сквернавење молк од политичките партии на Албанците

Во дворот на манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски на Попова Шапка надзорните камери јасно кажуваат како едно лице од јарболот поставен на црковен имот го симнува знамето на Македонската православна црква-ОА, а потоа го поставува знамето на Албанија. Во негова придружба е уште едно лице, а и двајцата носат облека со реквизити на навивачката група Балисти од Тетово.

Дел од албанските медиуми потврдија дека знамето го острануваат членови на навивачката група Балисти за што објавија и видео снимка

Албанското знаме е веќе острането, а на јарболот повторно од утрово се вее знамето на МПЦ-ОА.

Од МВР денеска соопштија дека полициски службеници откако настанот вчера вечер во полиција го пријавил член на црковен одбор, околу 23.30 часот по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица осомничен за остранување на црковното знаме.

По документирање на случајот против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице по кое се трага, ќе следува соодветен поднесок, стои во соопштението на МВР.

По инцидендот во црковниот двор токму на денот на знамето на Албанија веднаш се огласи претседателот на Комсијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски. Тој обвини дека самиот чин има за цел предизвикување омраза и раздор и побара сторителите да бидат најстрого санкционирани.

„Најостра осуда за вандалскиот упад во манастирот Св. Наум на Попова Шапка и симнувањето на знамето на Македонската православна црква- Охридска архиепископија. Апелирам до СВР Тетово и Јавното обвинителство веднаш да преземат сеопфатни мерки за откривање на сторителите. Елементите на кривичното дело од чл.319 на Кривичниот законик, Предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга основа, како и кривичното дело од чл.145 на Кривичниот законик, Неповредливост на домот, мора да повлечат одговорност. Сторителите мора да бидат најстрого санкционирани. Вакво поведение е недозволиво и ги подрива сите напори за градење здрави општествени односи во нашето кревко плурално општество, порача Сотировски преку социјалните мрежи.

За инцидентот се огласи и лидерот на Достоинство и претседателот на ЦУК Стојанче Ангелов кој напиша дека само брзата реакција на институциите но и јавниот притисок можат да ги намалат провокациите кои ја потпалуваат меѓуетничката нетрпеливост. Ги повика политичките партии да ги осудат ваквите провокации.

„Провокациите никако не треба да се премолчуваат туку на нив треба жестоко да се реагира. Само така ќе се обесхрабрат идните потенцијални провокатори.Реакцијата на општеството на вакви провокации треба да биде обединета и единствена без разлика на етничка, верска, политичка или било каква друга припадност.Верувам дека мнозинството Албанци го осудуваат овој варварски чин на сквернавење на црковното знаме. Единствено не видов претставник на албанските политички фактори во Македонија да излезе со јавна осуда на овој чин, а треба.Затоа го повикувам лидерот на ДУИ Али Ахмети јавно да го осуди овој провокативен вандалски чин“, напиша Стојанче Ангелов.

Осуда пристигна и од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Повторно сме сведоци на провокации кои доаѓаат од центри кои имаат намера да испровоцираат меѓуетнички тензии“, напиша Велјановски на неговиот фејсбук профил.

Политичките партии на Албанците реагираа за поставен крст на црковен имот, за сквернавање на црковно знаме сега молчат

Од политичките партии на Албанците кои пред десетина дена остро реагираа за поставениот крст на црковен имот во манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски чудотворец на Попова Шапка, сега за вандализмот на црковен имот кој се случи вчера, а е регистриран од повеќе камери нема никакви реакции.

Крстот на Попова Шапка ги зовре партиите, СДСМ бара Касами да се воздржи од провокации, ВМРО-ДПМНЕ е фрапирана од случувањата

Инаку од Црковниот одбор при манастирот „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка по низата реакции за поставениот 15-метарски крст во имотото на манастирот, изјавија дека на вакавско место најприродно е да има крст.

Во случајов со крстот на Попова Шапка тој е поставен по барање на верниците и според Законот за градење не е објект туку урбана опрема, за која не треба дозвола за градба туку решение за поставување, чија законска рамка ниту верските објекти ниту државните институции не ја почитуваат, дополнија од одборот.

Инаку за поставениот крст први реагираа од ДУИ чии советници на Советот на Општина Тетово побараа вонредна седница која се одржа истиот ден на која настана жестока расправија меѓу советниците на ДУИ и БЕСА. Советничката група на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ пак ја напуштија седницата и побараа друга вонредна седница на која како што посочија би се дискутирало за легалноста на сите изградени верски објекти во Тетово.

Градоначалникот Касами пак побара остранување на крстот, но ден потоа малку ја спушти топката.

„Тие што не сакаат да ги видат инвестициите на Општина Тетово тие гледаат причина да ја критикуваат Општината за предмети кои не се во нејзина надлежност. Во урбанистичкиот план се верските објекти, црквата и џамијата се надевам дека ќе се заврши работата и околу легализирање на врските објекти. Зборувам за црквата и придружните објекти како и за џамијата и придружните објекти околу муслиманскиот верски објект“,рече минатата недела Касами.

Денеска за сквернавењето на црковен имот реакција на Касами се уште нема.

https://www.slobodenpecat.mk/krstot-na-popova-shapka-gi-zovre-partiite-sdsm-bara-kasami-da-se-vozdrzhi-od-provokacii-vmro-dpmne-e-frapirana-od-sluchuvanjata/

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот