Крстот на Попова Шапка ги зовре партиите, СДСМ бара Касами да се воздржи од провокации, ВМРО-ДПМНЕ е фрапирана од случувањата

Фото: Фејсбук

Ги осудуваме одредените реакции кои создадоа тензии во Тетово, велат од Општинската организација на СДСМ Тетово. Како што рече Наташа Гавровска, советничка во Советот на Општина Тетово од СДСМ, верското обележје крстот е на црковен имот во дворот на манастирот.

– Општина Тетово и градоначалникот Касами да се воздржат од какви било провокации и дејствија кои може да предизвикаат сериозни тензии кои се на штета на граѓаните. Одговорност на сите политички субјекти, како и на Советот на Општина Тетово е да покажат воздржаност и да не подгреваат раздор за верски, политички или етнички поделби меѓу граѓаните. Прифаќањето на различностите е сржта на еднаквоста, а Тетово е пример за тоа“, рече Наташа Гавровска советничка во Советот на Оштина Тетово од редовите на СДСМ.

Таа, како и останатите советници беше присутна на вчерашната вонредна седница на Советот на Општина Тетово која се одржа по барање на советничката група на ДУИ, по повод поставувањето на крстот на Попова Шапка во манастирскиот двор.

Координатор на советничката група на ДУИ Лиридон Диша побара информација какви активности презел општинскиот инспекторат за да се спречи поставувањето на овој, како што го нарече, верски објект на Попова Шапка.

– Нема потреба од етничка тензија. Се е направено според процедурите од страна на општинскиот инспекторат. Излеговме на лице место, направивме увид на објектот, побаравме од сопствениците дали имаат решение за градба, претставниците од црквата ни покажаа само имотен лист, направивме записник и понатаму ќе постапуваме според процедурите, изјави раководителот на општинскиот инспекторат Седат Сулејмани.

Советниците од ДУИ незадоволни од одговорот започнаа жестока расправа со советниците на БЕСА кои возвратија дека од ДУИ вака не реагирале кога во времето на Теута Арифи на Попова Шапка без дозвола била изградена џамија, а поставувањето на крстот е дело на ДУИ и СДСМ кои на овој начин сакаат да ги намалат успесите на локалната власт во Тетово предводена од БЕСА.

Во дискусијата се вклучија и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по што ја напуштија седницата, а внатре за крстот останаа да се расправаат само советниците од албанските политички партии.

– Сакам да изразам една фрапираност бидејќи бевме свикани на оваа вонредна седница како да се работи за некој земјотрес, пожар или некоја друга катастрофа. Ова е работа на институциите. Кај нас постои секуларност на општеството. Ние сме за почитување на законите но со еднаков третман за сите чинители во општеството. Не ја гледавме ваквата ваша загриженост кога се градеше џамијата на Попова Шапка, а ние македонските верници воопшто не бевме против верските чувства на муслиманите. Во овој случај покрај законито постапување на службите повикуваме и на разум за да не се разгорат верските тензии меѓу граѓаните. Потенцирам, се работи за постамент поставен на имот на Македонската православна црква. Крстот е составен дел на храмот и не може да се третира како посебен објект, кажа Анита Бошкоска Јованоска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Потребна е внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка, напиша на својот Фејсбук профил претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Тој вели дека на Попова Шапка со години наназад гради кој каде ќе стигне.

„Тоа и покрај повиците на многумина стручни лица, но и сопственици на викенд куќи и хотелиери, Општина Тетово не најде за сходно да го разреши преку усвојување на урбанистички планови и соодветно одобрување на изградба, поставување времени објекти, опрема и инсталации, но и соодветна непристрасна и неселективна надзорна и казнена поставеност.За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, Крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје.Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот? Добро е да се одржи вонредна седница на Советот на Општина Тетово како што побарале дел од советниците, но нека биде отворена за јавноста и нека се понудат одговори на многу прашања кои граѓаните со сигурност ги имаат. Двојните аршини се погубни во демократија. Зачудува и експресното свикување на вонредна седница (за нецели 3 часа од барање), особено имајќи во предвид дека на пример барањето предлогот на ,,Тетово сака парк” да биде разгледан на седница на Совет на општина Тетово сеуште чека речиси две години. Верските симболи ги следат верските објекти, крстот и минарето одат до цркви и џамии. Во мултикултурно и мултирелигиско општество со секој човек пак, мора да оди толеранцијата и почитта кон различниот“, стои во Фејсбук објавата на Сотировски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот